Само неколку дена откако Колбер ги критикуваше неговите корпоративни сопственици за склучување правен договор со Трамп, шоуто беше укинато.
„Апсолутно ми се допаѓа што Колбер беше отпуштен“, напиша денеска Трамп на својата платформа Трут Соушл.
„Неговиот талент беше дури и помал од неговиот рејтинг“, рече тој за Колбер, кој е познат по неговиот остар хумор и секојдневните критики кон претседателот.
Американската телевизија Си-Би-Ес вчера соопшти дека „The Late Show with Stephen Colbert“ ќе заврши во мај 2026 година, шокирајќи ги и фановите и светот на забавата.
Емисијата со години беше најгледана програма на доцните вечерни телевизиски програми во САД.
Телевизијата го опиша потегот како „чисто финансиска одлука“ и рече дека не е поврзана со комичната содржина или со деловните превирања во парамаунт Глобал (Paramount Global), загрозениот корпоративен сопственик на Си-Би-Ес.

Трамп упати големи обвинувања против Си-Би-Ес во последните месеци.
Тој тврдеше дека креаторите на неделната програма на телевизијата „60 Минути“ – столб на американското новинарство – монтирале долго интервју со Камала Харис, неговата ривалка во претседателската изборна кампања, за да скријат слаб одговор.
„60 Минути“ го негираше ова и објави транскрипт од интервјуто, но Трамп го изнесе случајот на суд. Иако експертите за американско медиумско право веруваа дека компанијата е во силна позиција, Парамаунт месецов се согласи на спогодба од 16 милиони долари.
Договорот предизвика сомнежи, бидејќи Парамаунт треба да добие одобрение од американската влада за долго преговараната промена на сопственоста.
Парамаунт, позната холивудска компанија која се бори во ерата на стримингот, се обидува да се спои со Скајденс медиа (Skydance Media), но ѝ треба согласност од Федералната комисија за комуникации.
Колбер ја опиша спогодбата со Трамп оваа недела во неговата емисија како „голем дебел поткуп“.
Ривалскиот комичар Џими Кимел, кој од 2003 година е домаќин на вечерното ток-шоу „Jimmy Kimmel Live!“ на Еј-Би-Си, ја изрази својата поддршка за Колбер на социјалните мрежи и го критикуваше Си-Би-Ес. „Те сакам Стивен“, напиша тој.
Трамп исто така го нападна и Кимел, кој често го исмејува американскиот претседател во неговата емисија. „Слушам дека Џими Кимел е следен. Има уште помалку талент од Колбер!“, напиша Трамп на Трут Соушл.