Американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација сè поотворено му даваат религиозна димензија на конфликтот со Иран, повикувајќи се на Бог и користејќи реторика што предизвикува сериозна загриженост кај меѓународната јавност. Наместо да ја намалуваат тензијата, високите американски функционери сè почесто го оправдуваат воениот ангажман со верски наративи и симболика.
Поврзување на војната со верата
Трамп направи необична споредба меѓу воените операции и христијанскиот празник Велигден, изјавувајќи дека ова е „еден од подобрите Велигдени“ од воена перспектива. Во објава на социјалните мрежи, тој повторно му се закани на Иран:
„Имате уште 48 часа… или ќе се отвори пеколот. Слава на Бог!“
Овие изјави дополнително ја засилуваат перцепцијата дека конфликтот се претставува како борба со религиозна позадина, наместо како геополитички судир.
„Повторно роден“ пилот и верска реторика
Американскиот министер за одбрана Pete Hegseth исто така користеше религиозна симболика, опишувајќи спасен пилот како „повторно роден“, алузија на христијанското верување во воскресението. Според него, пилотот бил соборен на Велики петок, преживеал во изолација и бил спасен на Велигден:
„Бог е добар“, била неговата прва порака по спасувањето.
Трамп дополнително ја заостри реториката со директни закани за уништување на мостови, напади врз електрани и целосно парализирање на инфраструктурата.
Тој изјави дека САД имаат капацитет да ја уништат клучната инфраструктура на Иран „за неколку часа“.
На прашање дали таквите напади би претставувале воени злосторства, Трамп одговори дека „не е загрижен“.
Експертите предупредуваат дека ваквата реторика може дополнително да ја ескалира кризата на Блискиот Исток, создава опасен преседан на мешање на религија и воена политика и ја зголемува загриженоста за можни напади врз цивилни цели
Иако Трамп тврди дека не сака уништување, неговите изјави покажуваат дека таквото сценарио веќе е на маса.