Новиот пресврт во кризата на Блискиот Исток дојде откако американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да го продолжи рокот за можни воени удари врз енергетската инфраструктура на Иран – потег што веднаш се одрази на светските пазари.
Пазарите реагираа веднаш
По најавата за одложување од пет дена цените на нафтата нагло паднаа, инвеститорите реагираа со олеснување и се намали краткорочниот ризик од ескалација
Одлуката доаѓа во момент кога тензиите околу Ормускиот теснец се на врв, а глобалното снабдување со енергенси е сериозно загрозено.
Трамп: „Во тек се продуктивни разговори“
Трамп изјави дека во последните два дена САД и Иран водат „продуктивни разговори“ за целосен прекин на непријателствата.
Во кратка порака на социјалните мрежи порача: „Мир преку сила, најблаго кажано!!!“
Дипломатска трка за време
Според израелскиот новинар Барак Равид, неколку земји интензивно работеле за да спречат ескалација и тоа Египет, Пакистан и Турција.
Нивните министри за надворешни работи разговарале со иранскиот министер Абас Арагчи и со американскиот пратеник Стив Виткоф, обидувајќи се да најдат решение за кризата.
Закани и контра-закани
Тензиите сепак остануваат високи. Иран предупреди дека ќе го затвори Ормускиот теснец ако биде нападнат. Израел најави нови воени акции, а постојат информации за можна американска операција на иранскиот остров Харк
Поранешниот израелски премиер Ехуд Барак предупреди дека обид за отворање на теснецот може да доведе до долготрајна војна слична на Виетнам.
Енергетска криза во најава
Во меѓувреме, Меѓународната агенција за енергија разгледува можност за ослободување на дополнителни нафтени резерви, бидејќи кризата се оценува како посериозна од претходните.
Истовремено, во Техеран се забележани гужви на бензинските пумпи поради страв од недостиг на гориво.