Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата настапи со помалку цврст став околу барањето Украина да го прифати контроверзниот мировен предлог кој предвидува отстапување територии на Русија, драстично намалување на украинските вооружени сили и голем удел за САД во идната обнова на земјата.
Одговарајќи на прашања пред Белата куќа, Трамп беше запрашан дали нацрт-договорот од 28 точки, составен од специјалниот пратеник Стив Виткоф, претставува конечна понуда од Вашингтон.
„Не, тоа не е мојата конечна понуда“, рече тој. „Сакам да дојдеме до мир; тоа требаше да заврши одамна… мора да го довршиме ова на еден или друг начин“.
Трамп додаде дека украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај острите критики кон американскиот план, и понатаму може „да се бори со целата своја сила“ доколку не го прифати предлогот. Претходно, Вашингтон бараше Киев да го потпише договорот до Денот на благодарноста.
Европските сојузници истиот ден одржаа итни консултации откако деталите од планот протекоа во јавноста, стравувајќи дека се работи за уште еден американски ултиматум изготвен во соработка со Москва, без вклучување на европските престолнини или Украина.
Во меѓувреме, американскиот државен секретар Марко Рубио се дистанцираше од тврдењата дека документот „е направен во Москва“ и дека не ја претставува официјалната позиција на САД. Во неделното соопштение тој нагласи дека „мировниот план е американско авторско дело“ и дека ги вклучува „претходните и сегашни мислења на Украина“.
Полскиот премиер Доналд Туск беше меѓу оние кои побараа целосна транспарентност: „Пред да почнеме да работиме, добро би било да знаеме кој точно е авторот и каде е изготвен планот“.
Европските лидери разговараа и на маргините на самитот Г20 во Јужна Африка. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ги поздрави американските напори, но истакна дека предлогот на Трамп е „основа која бара дополнителна работа“. Европските претставници посочуваат дека документот содржи важни елементи за „праведен и траен мир“, но дека е потребно понатамошно усогласување.
Се очекува високи европски претставници како Педро Лурти и Бјорн Сајберт да учествуваат на наредните консултации што ги организираат САД. Досега единствениот европски лидер што безрезервно го поддржа предлогот на Виткоф е унгарскиот премиер Виктор Орбан, додека останатите предупредуваат дека документот нуди преголеми отстапки за Москва, објави „Политико“.
Дипломати, неофицијално, предупредуваат дека ставовите на Белата куќа можат брзо да се сменат, потсетувајќи дека Трамп повеќепати се движел од закани за намалување поддршка за Украина до воведување нови санкции за Русија. „На крајот, нашата поддршка за Украина секогаш продолжуваше“, изјави еден европски пратеник.
