Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, изрази скепса дека можното проширување на поморската мисија на Европската унија Aspides кон Хормушкиот теснец би донело поголема безбедност. Во разговор за германската телевизија ARD, Вадефул рече дека постоечката мисија која ја штити трговската флота во Црвеното Море не била ефикасна.
Реакцијата од Берлин следува откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека повеќе земји заедно со САД ќе испратат воени бродови за да се обезбеди дека Хормушкиот теснец остане отворен за пловидба.
На социјалната мрежа Truth Social, Трамп напиша дека земјите кои би биле погодени од обидот на Иран да го затвори овој клучен морски премин ќе испратат свои бродови во регионот. „Многу земји, особено оние кои би биле погодени од обидот на Иран да го затвори Хормушкиот теснец, ќе испратат воени бродови заедно со САД за теснецот да остане отворен и безбеден“, истакна тој.
Трамп најави учество на повеќе големи земји, меѓу кои Кина, Франција, Јапонија, Јужна Кореја и Обединетото Кралство, како и продолжување на операциите на САД против иранските сили, вклучувајќи бомбардирање на иранската обала и потопување на бродови и чамци. На крајот, тој порача дека „на овој или оној начин“ Хормушкиот теснец наскоро ќе биде „отворен, безбеден и слободен“.