Американскиот претседател Доналд Трамп планира денеска да потпише извршна наредба за преименување на Министерството за одбрана во „Министерство за војна“, изјави синоќа претставник на Белата куќа.
Според информативен документ од Белата куќа, наредбата ќе му даде овластување на министерот за одбрана Пит Хегсет, Министерството за одбрана и подредените функционери да користат алтернативни титули како „министер за војна“, „Министерство за војна“ и „заменик министер за војна“ во службена кореспонденција и јавни комуникации.
Потег кој ќе чини стотици милиони долари
Овој потег, кој веројатно ќе чини стотици милиони долари, ќе го насочи Хегсет да предложи законски и извршни чекори потребни за преименувањето да стане трајно.
Од преземањето на функцијата во јануари, Трамп започна со преименување на низа места и институции, вклучувајќи го Мексиканскиот залив, и враќање на оригиналните имиња на воени бази кои беа променети по протестите за расна правда.
Промените на имиња на министерства се ретки и бараат одобрување од Конгресот, но Републиканците имаат тесно мнозинство и во Сенатот и во Претставничкиот дом. Лидерите на партијата во Конгресот покажаа мал интерес да се спротивстават на било која иницијатива на Трамп.
Министерството за одбрана порано се викало Министерство за војна
Американското Министерство за одбрана се викало Министерство за војна до 1949 година, кога Конгресот ја обедини армијата, морнарицата и воздухопловните сили по Втората светска војна. Според историчарите, новото име било избрано делумно за да се сигнализира дека САД во нуклеарната ера се фокусираат на спречување војни.
Повторната промена на името ќе биде скапа и ќе бара ажурирање на натписи и меморандуми што ги користат не само службениците на Пентагон во Вашингтон, туку и воените објекти низ целиот свет.
Само преименувањето на 9 бази требало да чини 39 милиони долари
Обидот на поранешниот претседател Џо Бајден да ги преименува деветте бази кои одаваа почит на Конфедерацијата и нејзините водачи, требало да ја чини војската 39 милиони долари. Токму тој потег Хегсет го поништи претходно оваа година.
Тимот за намалување на вработените во администрацијата на Трамп, познат како Министерство за владина ефикасност, се стреми да направи кратења во Пентагон со цел заштеда на средства.
„Одбраната е премногу одбранбена“
Критичарите велат дека планираната промена на името не е само скапа, туку и непотребна. Но Хегсет изјави дека промената на името „не е само прашање на зборови – туку се работи за борбен етос“.
Оваа година, еден од најблиските сојузници на Трамп во Конгресот, републиканскиот претседател на Надзорниот одбор на Претставничкиот дом, Џејмс Комер, претстави закон со кој би се олеснила можноста претседателот да реорганизира и преименува агенции.
„Едноставно ќе го направиме тоа. Сигурен сум дека Конгресот ќе се согласи ако ни затреба… Одбраната е премногу одбранбена. Сакаме да бидеме одбранбени, но сакаме да бидеме и офанзивни ако мораме“, изјави Трамп минатиот месец.