Десетици починати и близу 100 повредени е првичниот неофицијален биланс по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, пренесуваат неколку медиуми повикувајќи се на лекарски и полициски извори. Како што извести околу 4:30 часот по полноќ локалното „Радио Кочани“, пожарот се случил утрово околу 3:00 часот по полноќ за време на концерт на групата ДНК во градот. Во гаснењето учествувале возила на Територијалната противпожарна заштита, но ниту тие ниту медицинските тимови на терен не биле ниту одблизу доволни за да ги спасат сите настрадани. Помагале цивили и со цивилни возила.
Министерството за внатрешни работи ги приведува сите кои на каков било начин се поврзани со организацијата на концертот во дискотеката во Кочани во која ноќеска настанал голем пожар, а како што се претпоставува загинале 50 лица.
Трагедијата се случила за време на настапот на групата ДНК. Присутни биле 1.500 гости, претежно млади лица.
Директорката на кочанската болница доктор Кристина Серафимова за Слободен печат рече дека починати има, но дека јавниот обвинител ѝ забранил да каже колку.
Неофицијалната бројка е над 50 лица. МВР и Обвинителството од кои побаравме информации уште немаат одговорено.
–Од повредените околу 60 пациенти се препратени за Штип во таа болница, а кај нас 30 се задржани, ни рече директорката.
Според информациите на Канал 5 во Градската болница во Скопје се хоспитализирани 27 лица со тешни изгореници, 24 на Клиничкиот центар.
Повеќето од повредените лица во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи ноческа се пренесени во кочанската општа болница каде се уште им се укажува медицинска помош.
Поради сериозност на повредите здобиени како резултат на пожарот и вдишување чад дел од повредените се пренесени во Клиничката болница во Штип, во Градската општа болница „8 Септември“ и на Скопските клиники.
Пред Болницата во Кочани се наоѓаат голем број на блиски и роднини на повредените и на починатите. Општинската организација на Црвен крст прави списоци за утврдување на идентитетот на загинатите лица.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски е во Кочани, а премиерот Христијан Мицкоски е на пат кон местото.
Порталот „Сакам да кажам“, пак, јавува за околу 30 починати повикувајќи се на првични информации на екипите на Дирекцијатаза заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. Според тие извори на медиумот, повредени се околу 100 лица. Станува збор за млади луѓе. Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, изјавил дека во Кочани се заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев. Работата на собирање на информации по што ќе дадат официјална информација.