Трагедија во Тетово: Во пожар во стан загина 76-годишен маж, синот повреден

Од СВР Тетово соопштуваат дека на местото на настанот бил извршен увид од страна на јавен обвинител и полициска екипа

Пожар во стан во тетовскиот урбан блок 70 заврши со трагичен исход – 76-годишен маж го загуби животот, а неговиот 51-годишен син се здоби со повреди при обид да го изгаси пожарот и да му помогне на таткото.

Настанот се случил во вторникот вечерта, на 13 јануари. Од Клиничката болница во Тетово информираат дека повредениот бил донесен на преглед и третман околу 19:49 часот, по што бил пуштен на домашно лекување.

Од СВР Тетово соопштуваат дека на местото на настанот бил извршен увид од страна на јавен обвинител и полициска екипа. По наредба на обвинителот, телото на починатиот е предадено на обдукција, а дополнително е наложено вештачење на станот со цел да се утврди точната причина за избувнувањето на пожарот.

Како можна причина се посочува сомневање дека пожарот бил поврзан со плинска боца која се користела за греење. Од противпожарната служба потсетуваат дека за време на грејната сезона се бележи зголемен број интервенции во станбени објекти, најчесто поради неправилна или небезбедна употреба на грејни тела.

Локалните медиуми починатиот го идентификуваа како поранешниот наставник Обрад Стојановиќ, кој долги години работел во средното текстилно училиште „Ѓоце Стојчевски-Амбарче“ во Тетово и бил активен член во повеќе здруженија на граѓани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни