Трагедија во Индискиот Океан: Шри Ланка извлече 87 тела од ирански брод потопен од американска подморница

Морнарицата на Шри Ланка извлече 87 тела и спаси 32 преживеани од иранската регата „IRIS Dena“, потопена со торпедо од американска подморница. Инцидентот се случил во Индискиот Океан, во рамки на проширената воена операција против Иран.

Морнарицата на Шри Ланка извлече 87 тела на морнари од ирански воен брод што бил потопен со торпедо од американска подморница во Индискиот Океан, во близина на нејзините брегови. Според официјалните информации, спасени се 32 преживеани.

Станува збор за фрегатата IRIS Dena, еден од поновите бродови на иранската морнарица. Таа патролирала далеку од територијалните води на Иран и била вооружена со тешки топови, ракети земја-воздух, противбродски ракети и торпеда, а на бродот имало и хеликоптер.

Американскиот министер за одбрана изјави дека бродот бил „гордост на Исламската Република“ и дека бил погоден во меѓународни води.

„Американска подморница потопи ирански воен брод кој сметал дека е безбеден во меѓународни води. Но, беше погоден со торпедо“, рече Хегсет на прес-конференција во Пентагон.

Ова е првпат по Втората светска војна американска подморница да потопи воен брод.

Акција за спасување и болничка драма

Министерот за надворешни работи на Шри Ланка, Виџита Херат, изјави пред парламентот дека националната морнарица добила сигнал дека „IRIS Dena“ со околу 180 лица е во неволја и тоне, по што биле испратени бродови и авиони за спасување.

Портпаролот на морнарицата, Будика Сампата, изјави дека при пристигнувањето на локацијата не бил пронајден бродот, туку само нафтени дамки и спасувачки чамци.

„Пронајдовме луѓе како пловат во водата“, рече тој.

Преживеаните биле пренесени во болницата во градот Гале, на јужниот брег на Шри Ланка. Телата на загинатите се транспортирани во Националната болница во Гале, каде што е формирана импровизирана мртовечница под силно обезбедување на полицијата и морнарицата.

Еден од водечките здравствени функционери во земјата, Анил Џасинге, соопшти дека еден од спасените е во критична состојба, седуммина биле подложени на итни медицински интервенции, додека останатите се лекуваат од полесни повреди.

Дел од поширока воена операција

Потонувањето на „IRIS Dena“ укажува дека американско-израелската воена операција против Иран се проширила далеку надвор од границите на земјата. Американскиот претседател Donald Trump претходно изјави дека една од четирите главни цели на операцијата е уништување на иранската воена морнарица.

Адмиралот Brad Cooper, командант на Централната команда на САД, изјави дека во тековниот конфликт досега се потопени најмалку 17 ирански воени бродови.

„Ние исто така ја потопуваме иранската морнарица – целата морнарица“, порача Купер во видеообраќање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни