Трагедија во Егејското море: 14 мигранти загинаа по судир со брод на грчката крајбрежна стража кај Хиос

14 мигранти загинаа во Егејското Море по судир меѓу нивното пловило и брод на грчката крајбрежна стража во близина на островот Хиос. Акцијата за спасување сè уште трае.

Четиринаесет мигранти загинаа во Егејското Море откако нивното пловило се судрило со брод на грчката крајбрежна стража во близина на островот Хиос, соопштија грчките власти.

Според изјава на претставник на крајбрежната стража за Ројтерс, службениците забележале брод кој превезувал мигранти кон Хиос и им наредиле да се вратат назад.

„Криумчарите маневрираа кон бродот на крајбрежната стража, што доведе до судир“, изјави изворот. Ројтерс наведува дека не можел независно да утврди како точно дошло до несреќата.

Според првичните информации, двајца припадници на грчката крајбрежна стража, како и 25 спасени мигранти, биле префрлени во болницата на Хиос, пренесува АФП. Меѓу повредените има бремена жена и седум деца, објавија грчкиот јавен сервис ЕРТ и новинската агенција АНА.

Крајбрежната стража соопшти дека во тек е обемна операција за пребарување и спасување, во која учествуваат нивни пловила, приватни бродови и нуркачи.

Грција со години претставува една од главните влезни точки во Европа за мигранти и бегалци од Блискиот Исток, Африка и Азија. Земјата беше на првата линија на европската мигрантска криза во 2015 и 2016 година, кога речиси еден милион луѓе од Турција пристигнаа на нејзините острови, меѓу кои и Хиос.

Во последните години бројот на пристигнувања е намален, а грчките власти го заострија пристапот кон миграцијата. Од 2019 година, владата од десниот центар ги засили граничните контроли со огради и интензивни поморски патроли.

Грција е под зголемен меѓународен надзор поради односот кон мигрантите и бегалците, особено по бродоломот во 2023 година, кога стотици лица загинаа. Тогаш сведоци тврдеа дека крајбрежната стража се обидела да одвлече рибарски брод преполн со мигранти, што завршило со трагедија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни