Топ десет најдобри дестинации за студирање: Овие земји нудат врвно образование без астрономски школарини! 

Европските земји ги зазедоа клучните позиции на листата на најдобри дестинации за високо образование, се вели во првиот извештај за глобално образование објавен од организацијата Global Citizen Solutions. 

Престижните универзитети, квалитетот на животот, трошоците за студирање и изгледите по дипломирањето поставија неколку европски земји – Велика Британија, Германија, Франција, Холандија и Швајцарија – на самиот врв на глобалната понуда за странски студенти. 

Во конкуренција од 72 земји, најдобро рангираните дестинации за странски студенти се: 

Соединетите Американски Држави 

Велика Британија 

Австралија 

Германија 

Канада 

Франција 

Холандија 

Швајцарија 

Кина 

Сингапур 

Велика Британија – престиж, но и високи трошоци 

Обединетото Кралство го зазеде второто место благодарение на престижот на универзитетите како Оксфорд, Кембриџ и Империал колеџ во Лондон. Во моментов, има околу 500.000 странски студенти кои студираат во оваа земја. Сепак, студирањето во ОК доаѓа со високи трошоци – школарината за странски студенти се движи од 10.000 до 38.000 фунти годишно (12.000 до 47.000 долари), а просечниот студентски долг по дипломирањето е околу 50.000 фунти (63.000 долари). 

По Брегзит, Велика Британија бележи пад на бројот на европски студенти, но успеа да привлече поголем број млади луѓе од Кина и Индија. Покрај школарината, високите трошоци за живот во градови како Лондон го отежнуваат студирањето – просечните месечни трошоци за студент, без киријата, се околу 1.039 фунти (1.313 долари). И покрај ова, меѓународните студенти се силен економски фактор – во академската 2021/2022 година, тие придонесоа 41,9 милијарди фунти (53 милијарди долари) за британската економија. 

Германија, Франција и Холандија – квалитетно образование по пониски трошоци 

Германија е четврта на листата, позната по силниот високообразовен систем и фактот што многу државни универзитети нудат студии без школарина или минимално скапи, дури и за странски студенти. Франција, на шестото место, привлекува студенти од целиот свет на престижни универзитети како Сорбона, додека Холандија, на седмото место, нуди широк спектар на програми на англиски јазик и стимулативна деловна средина. 

САД се на врвот, но по цена 

САД го зазедоа првото место благодарение на бројот на престижни универзитети и севкупното значење на високото образование. Во моментов, има 900.000 странски студенти кои студираат во Америка, а во 2023 година тие создадоа повеќе од 40 милијарди долари приход. 

Сепак, студирањето во САД има огромни трошоци – школарината на универзитетите како Харвард и Стенфорд се движи од 30.000 до 70.000 долари годишно, а долгот на американските студенти надминува 1,6 трилиони долари. Лаура Мадрид од истражувачкиот тим на Global Citizen Solutions вели дека не е изненадување што Америка е на врвот на листата, но додава дека се повеќе американски студенти бараат образование во Европа поради нејзината политичка стабилност и мултикултурната академска средина. 

Глобални трендови: се повеќе студенти избираат да студираат во странство 

Според истражувањето на Global Citizen Solutions, се очекува до 2030 година дури 10 милиони студенти да студираат надвор од нивната матична земја. Главните фактори за избор на дестинација се квалитетот на универзитетот, можностите за кариера и стабилноста на земјата. 

Мадрид истакнува дека глобалната несигурност ги охрабрува семејствата да бараат образование во земји кои нудат безбедност и квалитет на живот, при што Европа станува сè поатрактивна опција за странските студенти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни