Смилевски конгрес- Спој на културната меморија и современата уметност

Освен наследството, најважниот елемент на нашиот културен идентитет се авторите кои творат тука денес. Тоа е најголемото богатство, кое за жал, е маргинализирано. Ние се залагаме за тој дел од културата, кој се занимава со квалитетна авторска уметност, да биде препознаен и соодветно валоризиран, ставен на местото каде што припаѓа. Програмската заложба е да ги обедини и претстави сите културни работници кои создаваат автентична „жива“ култура, имаат ендемична традиционална содржина или работат на современи форми на анимација на традиционалните вредности и културни наследства, сега

Во срцето на демирхисарското село Смилево, манифестацијата „Смилевски конгрес“ претставува уникатен спој на историја, традиција и современа култура. Оваа иницијатива, организирана од истоимената национална установа, има за цел да ја оживее културната меморија преку современата уметност денес.

Преку авторски дела, музички настапи и кулинарски искуства, „Смилевски конгрес“ создава платформа за дијалог меѓу традиционалното и модерното. Манифестацијата не само што го слави културното и историското минато, туку и визионира идни концепти за промоција на културата како жива материја.

Во ова интервју, ќе разговараме со Пеце Трајковски – Брада, програмски и организациски соработник на НУ Манифестацијата Смилевски конгрес и со Влатко Деловски, в.д директор на манифестацијата, за значењето на „Смилевски конгрес“, неговата мисија и визија, како и за влијанието врз локалната и националната културна сцена.

Трн: „Смилевски конгрес“ втора година по ред… Што научивте од лани? Што ќе повторите, што ќе обновите и што годинава ќе ни донесе манифестацијата? Кои културни содржини се застапени и кои се клучните уметници и проекти годинава?

Пецe: Главната програмска матрица и заложба на Манифестацијата е да презентира и поддржува култура која е квалитетна, автентична, современа, традиционална или традиционална во современ контекст; да поставува важни општествени, историски и културолошки прашања и да го ревитализира и актуализира културното наследство и околината како културни и туристички капацитети.

Првиот фестивалски ден музички е повеќе наклонет кон традицијата, а вториот повеќе кон современите форми, додека мултимедијалните инсталации во куќата на Даме Груев и низ селото ќе бидат изложени двата дена. Годинава програмата е замислена како еден вид на тура низ важните обележја на Смилево, концепт кој се надеваме да го прошируваме со секоја наредна манифестација. Обележјата истовремено се и места на настаните од програмата, а со цел актуализирање и промовирање на културолошките и историски значајни капацитети кои ги поседува селото. Но, преку културната програма, и земјава.

Годинава имаме неколку капитални новитети, кои мислам дека ќе останат како традиција на фестивалов во наша организација:

Првиот новитет е „Поворката на Мајовци“, со која го стартуваме официјалниот дел од програмата на првиот фестивалски ден, 2ри Мај во 19ч. Со дефиле, заедно со публиката, од влезот на селото до куќата на Даме Груев, на чело со мијачкиот и ендемичен оркестар составен од чифт зурли и чифт тапани Мајовци, без кои не поминала ниту една галичка свадба или веселба низ мијачијата од 1930тите години, па наваму. Поврзаноста со Мајовци е мијачкото и ѕидарско потекло на смилевци. Поворката ја крстивме „Напред кон минатото“, симболично за двете главни струи кои ги спојува фестивалот.

Друг новитет, кој исто мислам дека ќе остане традиција, е фестивалскиот Интро – ден. Пред двата официјални денови на манифестацијата, ондосно на 1ви Мај, во смилевската кооперација на „Сретсело“, ќе се одржи Трибина посветена на значењето на Даме Груев и Смилевскиот конгрес за македонскиот идентитет, на која ќе гостуваат тројца историчари од Битола, а после која ќе има музичко изненадување како мал fade in во главната фестивалска програма наредниот ден.
Годинава во музичкиот дел од програмата на првиот, повеќе традиционално конципиран ден, покрај Мајовци, ќе настапат и традиционалното џез трио Hot Jazz Orkestra, во куќата на Даме Груев, додека на главната сцена „Сретсело“ свој настап ќе има Зарина Првасевда, со дел од својот репертоар составен од традиционална музика во современи аранжмани.

На наше особено задоволство, оваа година ја продолжуваме и продлабочуваме соработката со „Третата сликарска лабораторија“ на катедрата за применета и ликовна уметност при универзитетот на Западна Македонија од Лерин, и визуелниот колектив Buff, составен од уметници од Лерин и околината, заедно со нашиот Сашо Алушевски, фотограф и основач на фестивалот за алтернативна фотографија „Зрно“, со кој имаме одлична соработка. Сите овие уметници, годинава работат на уметничките мултимедијални инсталации „Дух – отсуство на присуство“ кои двата фестивалски дена ќе бидат изложени во куќата на Даме Груев. Освен тоа, околу главната бина „Сретсело“ ќе биде изложена и инсталацијата „Сенката на светилникот“ на уметничката групација Buff од Лерин. Како дел од нивните аудио/визуелни инсталации и перформанси, настап на главната бина „Сретсело“, после настапот на Зарина Првасевда, ќе има и визуелниот уметник и диџеј Сокин од Лерин.

Вториот фестивалски ден е повеќе насочен кон современиот аспект на манифестацијата, па програмата на главната бина „Сретсело“ ја води битолската група Фолтин, пред кои атмосферата ќе ја загреат искусниот светски уличен изведувач и автор Дејание од Битола, и хорот БитВокс, составен од 25 хористи, кои изведуваат специфични обработки на познати поп/рок хитови, под диригенство на Марина Коруновска. За крај на годинешниот фестивал, свој мултимедијален настап на главната сцена ќе има Constantine, од островот Парос, Грција, која е дел од групацијата Buff.

После невремето на втората вечер од ланската едиција, главната лекција од лани е дека нема играње со енергиите на природата, па годинава обезбедивме Б план J. Така што, во случај на најавени подраматични атмосферски појави, концертите ќе бидат одржани во Домот на културата „Илинден“ во соседен и братски Демир Хисар. Се разбира, нашите надежи и молитви се за ведро небо полно со ѕвезди во текот на фестивалските вечери. Програмските активности се комплементарни со природните убавини и културно – историските обележја на Смилево.

Влатко Деловски

Tрн: Да се вратиме на основата, што претставува „Смилевски конгрес“ и која е главната идеја зад неговото основање?

Влатко: Манифестација „Смилевски конгрес“, во современ контекст, е дијамант на каллив пат. Пораката што ја испраќа денешниов „Смилевски конгрес“ е да ги отвориме сопствените двери  и ризници, и да го употребиме тоа богатство што е внатре. Меѓутоа, предвид треба да се има дека употребата е вредносно неутрална – многу лесно може да биде и злоупотреба. Кога мислам на правилна употреба, предвид имам: одговорно и внимателно раководење со културната меморија и наследство, што подразбира ангажирање на бистри умови со чисти души и, секако, продорен ум. Продорен во смилса на визионерски дух. Без визија ќе останеме со прстот во уста и со случајно пронајдениот дијамант, кој самиот по себе има ограничена вредност, па многу лесно можеме да го загубиме. Тогаш ќе останеме и без дијамантот и без среќата што сме го пронашле. А верувајте ми, без среќа, што значи средба, нема ни радост. Добрата совест, смиреноста, разумот, среќата – не живеат во нечист човек.

Главната идеја зад основањето на Манифестацијата започнува како и секоја приказна: Си било еднаш… Тоа е почетокот на било која приказна, а мене исклучително ми се допаѓа дека не е одредено од време. Всушност, времето на настанување не постои. Сакам да кажам, дека секоја голема идеја „крчкала“ подолго време, а пред се кај мештаните во село Смилево. И веќе кога имаме начната идеја, потребни се неколку добронамерници да дојде до нејзина реализација. За Манифестација „Смилевски конгрес“ најголема заслуга има фамилијата Игуменовци, последните наследници на Дамјан Груев, што на државата ја отстапија куќата каде што се родил Даме, а која претходно била во нивна сопственост. Таа куќа денес е седиште на Националната установа Манифестација „Смилевски конгрес“ – с. Смилево.

Институцијата формално започна да постои кон крајот на 2023 год. Радосен сум што уште од самите почетоци сум во неа: од регистрација во Централен регистар, до конституирање на Статутот на институцијата и сите други пропратни основачки процедури. Благодарен сум и до Министерство за култура (сега и туризам) што тогаш заеднички, преку Статутот што бевме го направиле со мојот главен соработник Пеце Трајковски – Брадата од Фолтин, Манифестацијата успеавме да ја доближеме до институциите коишто се занимаваат со „посредување во културата“ (тоа се центрите за култура). Ова значи дека ние како Смилевски конгрес пред сѐ функционираме како центар за култура што се занимава со активна и жива култура, наспроти музејската дејност која нам ни е во втор план.

Tрн: Како ги комбинирате историските и културните наративи со современата уметност?

Влатко: Преку метафизиката на виното, што би рекол Бела Хамваш (Се шегувам, ама сум и сериозен). За да поедноставам, историските и културните наративи ќе ги обединам во фразата: културна меморија. Културната меморија е состојба од безгранично повисок ред од секојдневниот ум, оти тоа се пластови од мисли, животи, деанија и сл. Всушност културната меморија е почеток на вистинска будност, на сѐ она што е убаво, големо, сериозно, раскошно и чисто во наследството. Таа е виша трезвеност. Вистинска трезвеност. Таа е ентузијазмот, како што порано го нарекуваа, од кој извира уметноста, музиката, вистинското мислење и сл. Клучот за vita illuminative  и современа уметност се наоѓа во нашите раце; подобро кажано: еве го во нашите буриња и шишиња на културна меморија. Од неа можеме да научиме што е занесот, што е вистинска современа уметност, што виша трезвеност, а што просветлен живот.

Вистински современа уметност, е таков дар што живее само во здравиот и буден човек. Во нечистотијата се растворува и испарува; тоа го викаме естрада. Вистинската современа уметност е вечно нова и млада, и секогаш се раѓа цела (минатото и иднината обединети во современото); и таа целина не може да се изгуби.

Tрн: Каква е вклученоста на локалната заедница – како реагираат жителите и дали се активно вклучени во организацијата?

Влатко: Кога човек има добри намери, што не водат во пеколот, секако, дека наидува на разбирање, без разлика дали тоа се однесува за однос човек со човека или кон заедница. Во однос на реакцијата од локалната заедница, би рекол дека Манифестацијата Смилевски конгрес за смилевчани е зрак на светлина или чувство за живот кај луѓе со искорнати надежи. Но за да се разбере душата на тој народ треба прво да се апсолвира нивното устројство, фолклорот, навиките, љубовта, хуморот, јазикот, хероизмот. Во нивните животи се чувствува тага, искреност, сила и страст на младоста; нежност и футуристичка меланхолија (Blade Runner), како и длабока поврзаност со нивното село од чија срцевина го црпат нивниот животен патмос. Кога сме таму, како да се наоѓаме во светот на Марсел Пруст со неговото вечно барање на изгубеното време, на детството, носталгија за минатото, сеќавања за мртвите и пријателите, тажачка за изгубеното време.

Во кооперацијата (која сама по себе е музеј од минатиот век) во едно безизразно време, со еден длабок и суптилен лиризам и тишина, се оживува светот на нивниот континент, на нивните прародители, ловот, сеќавање на детството итн. Колку сеќавањата одат во подалечното минато, толку е поголема и нивната идеализација. Нивното духовно постоење е во длабоките бунари на „детското кралство“, а од длабочината на бунарот им одговара соодветен кавал – неопходен како квасот за лебот.

Tрн: Манифестацијата има иновативен пристап кон традицијата – што тоа конкретно значи во вашата програма?

Пеце: Да не ги третираме некои аспекти од традицијата како конзервирана, затворена или „мртва“ култура, туку активна и вклучена во културните и културолошките процеси денес. На тој начин сакаме да го демистифицираме и актуализираме нашето културно наследство и околината, и да ги ставиме во функција на сегашноста и иднината.

Освен наследството, најважниот елемент на нашиот културен идентитет се авторите кои творат тука денес. Тоа е најголемото богатство, кое за жал, е маргинализирано. Ние се залагаме за тој дел од културата, кој се занимава со квалитетна авторска уметност, да биде препознаен и соодветно валоризиран, ставен на местото каде што припаѓа. Програмската заложба е да ги обедини и претстави сите културни работници кои создаваат автентична „жива“ култура, имаат ендемична традиционална содржина или работат на современи форми на анимација на традиционалните вредности и културни наследства, сега.

Точката на спојување помеѓу историскиот Смилевски конгрес и денешнава манифестација е во борбата за обединување и ослободување на вистинските вредности во културата и наследството од долгогодишниот окупиран систем и менталитет.

Tрн: Што значи за вас „оживување“ на традицијата – дали гледате на неа како нешто динамично и променливо?

 Влатко: Пред сѐ почитување. Инаку, традицијата како дел од култура е променлива и динамичка категорија. Доволно е да кажеме, дека на пример јазикот, што е главен белег на секоја култура, не е нешто што е конзервирано, напротив тој е во постојано движење, оти како што спомнавте и Вие, тој е динамичка категорија. Впрочем, убавината е токму во тоа да се реобмислува традицијата, да и се даде еден плуриперспективен и метакултурен контекст. Всушност, тој е и единствениот начин да се одржува и надградува одредена традиција. Во спротивно, традицијата ја конзервираме, петрифицираме и ја ставаме вон употреба. Да се сака традицијата, не значи да се живее во минатото! Зборувајќи само за некое славно минато, забораваме да го бележиме она што нам ни се случува; ги оставаме празни нашите животи. Па се прашувам, како ние ќе придонесеме за традицијата, ако не се занимаваме со себеси, туку да останеме заглавени во 15, 16, 17 или 19 век? На тој начин, ако се занимаваме само со минатото, ја прекинуваме традицијата. За мене тоа е крајно погрешен метод и разбирање на традицијата.

Tрн: Кои се плановите за наредните изданија – имате ли амбиции за проширување, нови партнерства или меѓународна соработка?

Влатко: Моментално најважно од сѐ е сите заеднички да ја одржиме институцијата, оти мислам дека сите сме уверени и свесни за нејзината вредност. Оваа година, во соработка со Министерството за култура и туризам се надеваме да добиеме неколку вработувања, бидејќи моментално единствено вработено лице како в.д директор сум јас. Впрочем и јас не сум вработен, туку назначен со мандат, што значи дека институцијата нема вработени лица.

Амбициите се големи. Прво, сакаме сите значајни културни упоришта во Демирхисарскиот крај да ги ставиме под наше раководство: родната куќа на Даме Груев (нашето седиште), местото каде што се одржал Смилевскиот конгрес, Меморијалниот музеј на Смилевскиот конгрес, костурницата и гробот на Даме Груев, спомен паркот за Даме Груев, библиотеката во Бабино и сл.

Во смисла на нови партнерства и меѓународна соработка, од почеток тоа ни е главен приоритет. Оваа година ни гостуваат наши пријатели, артисти од Грција со нивниот проект: ДУХ – „Отсуство на присуство“ / локација: Куќа на Даме Груев. Мултимедијална инсталација на уметничката трупа „Трета сликарска лабораторија“ на катедрата по применета и ликовна уметност при универзитетот на Западна Македонија, Лерин, Грција и колективот (20тина уметници ширум Р. Грција) за визуелни уметности Buff. Понатаму, DJ Sokin / локација: глава бина „Сретсело“. Sokin е перформер и диџеј од Лерин, Грција кој се фокусира на создавање уникатни сонични искуства, оформувајќи специфична звучна слика на секој перформанс. Исто така и DJ CONSTANTINE. Constantine е мултимедијален артист од островот Парос во Грција. Работи на аудиовизулени проекти, изведувачки уметности и инсталации, комбинирајќи аналогни и дигитални медиуми.

Tрн: Кои се пораките што сакате да ги пренесете преку „Смилевски конгрес“ до публиката, особено до младите?

Пеце: Дека околу нас имаме прекрасна и автентична уметност, природа и културно наследство. Да ги препознаеме вистинските содржини и да ги пазиме како очите. Тоа сме ние. Најуспешна дејност во нашата земја е уметноста, најубава е природата, а национален спорт – музиката, се разбира.

Манифестација Смилевски конгрес: Најуспешна дејност во нашата земја е уметноста, најубава е природата, а национален спорт e музиката

Точката на спојување помеѓу историскиот Смилевски конгрес и денешнава манифестација е во борбата за обединување и ослободување на вистинските вредности во културата

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни