Tивка пандемија – Над милијарда луѓе живеат со ментални нарушувања

Новиот извештај од СЗО открива дека над 1 милијарда луѓе живеат со анксиозност, депресија и други ментални нарушувања. Самоубиството и понатаму е водечка причина за смрт кај младите. Инвестициите и реформите се итно потребни.

Повеќе од една милијарда луѓе ширум светот живеат со ментални нарушувања, според нови податоци објавени од Светската здравствена организација (СЗО). Состојби како анксиозност и депресија предизвикуваат огромни човечки и економски загуби. Иако многу земји ги унапредија своите политики и програми за ментално здравје, потребни се многу поголеми инвестиции и активности на глобално ниво за да се заштити и промовира менталното здравје на луѓето.

Менталните нарушувања се чести во сите земји и заедници, и влијаат на луѓе од сите возрасти и социо-економски статус. Тие се втора водечка причина за долгорочна попреченост и губење на здрави години од животот. Освен што ги зголемуваат трошоците за здравствена грижа кај погодените лица и нивните семејства, тие предизвикуваат и значителни економски загуби на глобално ниво.

Новите наоди се објавени во два извештаи – „Светското ментално здравје денес“ и „Ментален здравствен Атлас 2024“, кои истовремено покажуваат одреден напредок, но и сериозни празнини во глобалниот одговор на менталните нарушувања. Овие извештаи ќе послужат како основа за креирање на национални стратегии и ќе бидат клучни за глобалната дискусија на состанокот на Обединетите нации за неинфективни болести и ментално здравје, кој ќе се одржи на 25 септември 2025 година во Њујорк.

„Трансформацијата на менталните здравствени услуги е еден од најитните предизвици за јавното здравје,“ изјави генералниот директор на СЗО, д-р Тедрос Аданом Гебрејесус. „Инвестирањето во менталното здравје значи инвестирање во луѓето, заедниците и економијата – тоа е инвестиција која ниту една држава не смее да ја занемари. Секој лидер има одговорност итно да делува и да обезбеди менталната грижа да биде основно право, а не привилегија.“

Извештајот покажува дека, иако преваленцијата на менталните нарушувања варира по пол, жените се понес погодени. Најчести се анксиозноста и депресијата. Самоубиството останува тагичеб исход – само во 2021 година, однело 727.000 животи. Тоа е водечка причина за смрт кај младите луѓе, без разлика на економскиот контекст на државите. И покрај глобалните напори, напредокот во намалувањето на смртноста од самоубиство е премал за да се постигне целта на ОН за намалување од една третина до 2030 година. Со сегашното темпо, ќе се постигне само 12% намалување.

Економското влијание е огромно. Иако директните трошоци за здравствена заштита се значајни, индиректните – особено поради изгубена продуктивност – се уште поголеми. Само депресијата и анксиозноста ја чинат глобалната економија околу 1 трилион долари секоја година.

Ментален здравствен Атлас 2024“ покажува дека од 2020 година, многу земји направиле чекори напред во политиките за ментално здравје, ги усвоиле принципите на човекови права и ја подобриле подготвеноста за итни состојби. Сепак, тие напори не довеле до значајни правни реформи. Само 45% од земјите имаат закони што се целосно усогласени со меѓународните стандарди за човекови права.

Глобалната инвестиција во менталното здравје останува алармантно ниска – медијалниот удел од здравствени буџети е само 2%, и не се променил од 2017 година. Разликите меѓу земјите се драматични: високоразвиените земји трошат до 65 долари по жител, додека во нискоразвиените – само 0,04 долари. Исто така, бројот на професионалци за ментално здравје е просечно 13 на 100.000 жители, со критични недостатоци во земјите со низок и среден доход.

Прогресот во трансформацијата на услугите е бавен. Помалку од 10% од земјите целосно преминале кон модели на грижа базирана во заедницата. Половина од хоспитализациите се неволни, а над 20% траат подолго од една година.

Иако 71% од земјите имаат интеграција на менталното здравје во примарната здравствена заштита (исполнуваат најмалку три од пет критериуми на СЗО), сè уште постојат значителни празнини во податоците. Само 22 земји доставиле доволно податоци за да се процени опфатот на услуги за психоза. Во нископриходни земји, помалку од 10% од погодените добиваат соодветна грижа, наспроти над 50% во високоразвиените држави.

Позитивен знак е што повеќето земји известуваат за постоење на програми за унапредување на менталното здравје, како рана интервенција во детството, училишни програми и превенција на самоубиства. Над 80% од земјите сега нудат ментална и психосоцијална поддршка како дел од итните здравствени одговори – споредено со 39% во 2020 година. Се зголемува и достапноста на амбулантски услуги и телемедицина, иако пристапот е нерамномерен.

СЗО повикува на итна глобална акција за системска трансформација на менталното здравје. Тоа вклучува:праведно и зголемено финансирање; правна и политичка реформа заснована на човекови права; инвестиции во здравствениот кадар и развој на човек-центрирана грижа во заедницата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни