TikTok во САД под контрола на американски инвеститори за да се избегне забрана

Кинеската компанија „БајтДенс“ (ByteDance), сопственик на платформата TikTok, објави дека ќе го отстапи мнозинското управување со американското работење на апликацијата на конзорциум инвеститори од Соединетите Американски Држави, во обид да се спречи нејзина целосна забрана на американскиот пазар.

TikTok со години се соочува со политички и правни притисоци во САД. Првиот обид за забрана беше инициран во 2020 година од тогашниот претседател Доналд Трамп, кој ја оцени апликацијата како потенцијална закана за националната безбедност, пренесува „Ројтерс“.

Спроведувањето на законот со кој се предвидува забрана на TikTok е одложено до 20 јануари следната година, под услов кинеските сопственици да не го продадат американскиот дел од бизнисот.

Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, во септември изјави дека вредноста на TikTok се проценува на околу 14 милијарди долари, иако конечната цена сè уште не е утврдена.

Според договорот, управувањето со американскиот сегмент на апликацијата ќе го преземе група инвеститори меѓу кои се технолошката компанија „Оракл“, како и инвестициските фирми „Силвер Лејк“ и „MGX“. Тие ќе поседуваат 80,1 отсто од сопственоста, додека „БајтДенс“ ќе задржи малцински удел од 19,9 отсто.

Главниот извршен директор на TikTok, Шоу Зи Чу, им соопшти на вработените дека новото заедничко претпријатие ќе функционира како независен ентитет, со целосни надлежности над заштитата на податоците во САД, безбедноста на алгоритмите, модерирањето на содржините и сигурноста на софтверот.

Тој додаде дека американските сопственици ќе имаат одговорност за глобалната техничка усогласеност на платформата, како и за одредени комерцијални активности, вклучувајќи електронска трговија, рекламирање и маркетинг, одвоени од кинеската сопственичка структура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни