По трагичниот случај во Карпош што ја потресе јавноста и отвори прашања за ефикасноста на системот за заштита од семејно насилство, со реакција на својот ФБ профил огласи Тиана Ивановска, поранен психолог која две години работела во анонимен шелтер за жени жртви на насилство, а уште најмалку двојно толку во оваа област.
Во својата целосна изјава, таа посочува дека проблемот не е само во насилниците, туку и во институционалната неефикасност, која, според неа, често ги става жртвите во дополнителна опасност.
„Сведок сум на одвратни случаи на институционална глувост“
„Две години работев како психолог во анонимен шелтер за жени жртви на семејно насилство и уште минимум двојно толку во областа. И сите овие години сум сведок на одвратни случаи на институционална глувост, некадарност и партиски напикани војници во нашето Министерство за социјална заШТЕТА.
Имам еден тон случаи за раскажување. На пример, транспорт на жена жртва со две деца од еден град во анонимен шелтер, со службено обележано возило на Центарот за социјална работа, без да им текне дека таа жена сигурно е следена и дека со ваквиот малоумен потег ја ставаат во опасност неа, децата и целиот персонал кој ќе работи со неа.
Од милиони молења и колења до судот да се изречат брзи мерки за забрана на пристап, додека насилникот стои паркиран пред семејната куќа и се заканува дека ќе го запали целото семејство.
Истите тие насилници најчесто се со недијагностицирана психопатија, гранично растројство, зависности, а неретко и самите се бават со криминал. Тој криминал им овозможува да стекнат големи суми пари, со кои потоа поткупуваат полиција, суд, министерства, политичари.
И ако по некоја случајност се погоди саглам полиција да го започне случајот, ќе финишира со консултативен разговор во социјално, каде ќе ги убедуваат да се ‘смират’, затоа што така било подобро за детето.
Тоа што ние го гледаме однапред, вие го гледате отпосле – откако ќе се случи смртен случај, трагедија, самоубиство.
Соседи физички се пресметувале со него за да ја заштитат. И не сакам да чујам ни збор дека можела поинаку. Не можела. Затоа што појма немате како е кога некој ти го прати секој чекор, ти се заканува дека ќе платиш со живот ти и целата твоја фамилија. Појма немате како е кога животот на слобода ти е поголем хорор од ќотекот што ќе го преќутиш дома, само за да не ве убие сите.
Земете ги сите досиеја. Земете ги и чешлајте до секоја точка. Сите пропусти да се најдат и да се казнат. Еден казнет насилник не ја прави пролетта. Казнете ги мувлосаните бирократи што за ситен поткуп ќе ризикуваат нечиј живот.
Почивајте во мир.“
Повик за системска одговорност
Нејзината изјава доаѓа како глас однатре, од некој што бил дел од системот и, како што вели, со години сведочел на пропусти кои, според неа, не се изолирани случаи, туку структурен проблем.
По последните трагедии, јавноста повторно бара целосна истрага, институционална одговорност и реформи во постапувањето со случаи на семејно насилство.
Останува прашањето дали овојпат ќе има темелно „чешлање“ на сите досиеја и санкции за пропустите – или уште една трагедија ќе остане само бројка во статистиката.