“Three Kitchen“, место со едноставен концепт – уживање во добра музика и одлична храна

Во самиот центар на градот, на место изградено врз основите на старата железничка станица, со својата непретенциознoст да доминира, а сепак да остане култно место за љубителите на добрата храна и убавата музика, веќе неколку години работи „Three Kitchen“ бистро. Направено велат сопствениците, според потреба, а не според мода, овој урбан локал успева да направи одличен спој и мека транзиција од место за совршено утринско кафе, во релаксиран ресторан кој во вечерните часови добива атмосфера на клуб со одлична музика. Сместен во еден од ретките објекти кои датираат од времето пред Втората Светска Војна, совршено архитектонски уреден во модерен објект со елементи од старата градба и со сончева градина, „Three Kitchen“ ја гради својата успешна приказна.

– Концептот за „Three Kitchen“… мислам дека не е многу комплициран. Едноставен е, а и убав. Пред се ние направивме едно место каде што мислевме дека прво ние ќе уживаме, а после тоа ќе го видат и препознаат и гостите. Една преубава градина, едно преубаво бистро, би го нарекол затоа што не е ресторан, бидејќи менито на храната е кратко и се е поврзано со уште два локала, тоа се „12-12“ и „Станица 26“. Идејата беше да направиме едно место каде што ќе можеме да седиме цел ден, а и вечерта да продолжиме, ако ни е малку. Така да, „Three Kitchen“ е еден не би рекол хибрид, туку е природна работа, пред се за кругот што ние го живееме или за луѓето во кругот што живеат со нас и ние со нив. И мислам дека така е направен локалот, според потреба не е според мода и e еден од првите локали направени од таков тип. И денeс тоа се покажува во пракса, дека не сме згрешиле во проценката, така да мислам дека е една добра творевина, наша и секако и на гостите, вели Маци Стојановиќ од „Three Kitchen“.

Она што го издвојува овој локал од останатите во градот е добрата храна склопена во едноставно мени кое нуди изобилство на вкусови од едноставни и свежи намирници. Посебно искуство е да се проба колекцијата на вина, сирења подготвени само за овој ресторан, сезонски свежи печурки, маслиново масло од врвни светски произведувачи, домашни тестенини и леб.

-Концептот на менито е едноставен. Буквално тоа што ние сакаме да го презентираме, тоа што го јадеме и што го живееме, сакавме да го склопиме тука во нашиот ресторан. Рецептот за добра храна секој угостител го знае, а тоа е дека не можеш да имаш квалитетна кујна ако немаш квалитетни намирници. Добрите намирници не треба многу да ги обработуваш, само можеш да ги уништиш. Така да едноставно е и треба да се грижиш се да биде свежо и да биде квалитетно. Да не правиш компромис од тие работи. Мојата дивиза е – не го давај тоа на гостинот што не би го јадел ни ти, вели Маци за Трн.

Сите оние кои покрај добрата храна сакаат и убава музика, го препознаваат овој локал. Многу познати звучни музички имиња и познати диџеи со нивните сетови одлично се вклопиле во целата атмосфера и приказната на „Three Kitchen“.

-Во Три не даваме акцент толку многу на тоа кој ќе пушта музика и сакаме да се да се случи спонтано. Да се чувствуваат пред се добро луѓето, да им биде кул, да им биде убаво. Подоцна во клубовите веќе можеш да бираш музика, она како ми се допаѓа или не ми се допаѓа. Тука треба музиката да е само една пропратна работа на целиот амбиент и на се околу што се случува, вели Маци.

Токму тој конецепт на исклучително добра храна и музика со соврешна ненаметливост, е она што овој локал го прави пријатно место за ручек, вино и пријатели.

-Луѓето овде се чувствуваат убаво. Имаме резервации и две недели однапред. Прашуваат што ќе се случува оваа среда, овој петок, оваа сабота… Мислам дека направивме оваа сцена во градот да функционира на друг начин. Има луѓе што прв пат дошле во градинава или во локалов и као еј wow не знаевме дека постои вакво место. Знаеш во центар е, ама е сепарирано и треба да дојдеш наменски за да видиш што уствари нуди овој локал како цела приказна – вели Маци.

А приказната е едноставна -добра храна, добра музика, уживање, смеење, јадење, пиење…

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни