Песната „Thief of Hearts“ на Madonna од албумот Erotica, објавен во 1992 година, неочекувано стана вирален хит на социјалната мрежа TikTok, повеќе од три децении по нејзиното излегување. Корисниците масовно споделуваат дел од песната, воодушевени од нејзиниот хаус звук, силната енергија и провокативниот текст, а трендот брзо се прошири и на Instagram преку Reels видеата.
Станува збор за енергична „diss“ песна, продуцирана од Shep Pettibone, во која пејачката се пресметува со жена што, според стиховите, се обидува да ѝ го преземе љубовникот. Иако никогаш не беше објавена како сингл, со години важеше за омилена меѓу фановите на албумот. Денес, благодарение на социјалните мрежи, песната доживува нов подем и бележи значителен раст на слушаност и на Spotify.
Највирален стана делот од песната со интензивен бриџ, кој корисниците го користат како подлога за драматични и хумористични видеа. Токму тој сегмент, исполнет со силни и директни стихови, се вклопи во динамиката на кратките видео формати и стана препознатлив аудио тренд.
Интересно е што песната денес ужива поголема популарност отколку во времето кога беше објавена. Овој пример уште еднаш покажува дека социјалните мрежи имаат моќ повторно да ја оживеат музиката од минатото и да ѝ дадат нов живот пред глобалната публика.