Истокот сè уште е можен: изложба што не потсетува дека утопијата не мора да биде минато време

Во време на војни, поделби и разочараност, изложбата „The East Remains Possible“ на Музејот на современата уметност во Скопје и Модерна галерија од Љубљана потсетува дека одговорите не мора да доаѓаат од Западот.

Уметноста што не потекнува од западните центри на моќ, туку од нивните маргини – географски, политички и симболички – може да ни помогне да го разбереме светот во кој живееме.
Токму од таа мисла тргнува изложбата „The East Remains Possible“, која ги спојува делата од легендарната колекција Arteast 2000+ на Модерна галерија – Љубљана, и Колекцијата на солидарноста од Музејот на современата уметност – Скопје.

Овие две збирки не се само архиви на уметност, туку жива меморија на регионот – од идеалите на социјализмот и колективните утопии, преку падот на ѕидовите и идеологиите, до денешната несигурност. Изложбата прашува: дали иднината изгледаше подобро вчера отколку денес?

Во време кога демократијата еродира, историјата се заборава, а планетата гори, уметниците од Источна Европа нудат нешто ретко – начини на отпор, колективна меморија и имагинација. Нивните дела не ја одразуваат стварноста, туку ја преиспитуваат.

Изложбата е поделена на два дела:

  • „Show Me Your Wounds (Regeneration)“ – каде телото, јазикот и иронијата стануваат алатки за отпор;
  • „New Reality as an Artefact of Transformation“ – каде документирањето, сеќавањето и утопијата создаваат можни нови општества.

Ова не е само уметничка изложба, туку манифест: повик да се погледне Истокот не како „заостанат“, туку како извор на знаење, солидарност и визија.

Уметници:
Марина Абрамовиќ, Маја Бајевиќ, Гета Братеску, Власта Делимар, Јон Григореску, Катаржина Козира, Ирена Паскали, Оршоја Дроздик, Что Делат, Лајбах, Александар Косолапов, Раша Тодосијевиќ, Горан Трбуљак, Геза Пернецки, Петре Николоски, Венко Цветков, Христина Иваноска, Ендре Тот, Томислав Готовац, Дмитриј Пригов, Недко Солаков, Младен Стилиновиќ, ОПА, ЃорѓеЈовановиќ, Душан Перчинков, Брацо Димитријевиќ, АлаГеоргиева, Томислав Готовац, Андреја Кулунчиќ, ГоранкаМатиќ, Алекс Млинарчик, Јозеф Робаковски, Владимир Купијанов, Небојша Шериќ-Шоба, Дритон Селмани, Нихо Пушија, Симон Узуновски, Виолета Чаповска, Јозеф Бојс, Стано Филко, Иван Кожариќ, ОХО, Казимир Малевич, Група конструктивисти од Трст (Аугуст Чернигој, Едуард Степанчич, Џорџо Кармелич), Игор Тошевски, Ахмет Огут.

Куратори: Бојана Пишкур, Мартина Воук (МГ+ММСУ, Љубљана); Ивана Васева, Благоја Варошанец, Ива Димовски, Владимир Јанчевски (МСУ-Скопје).

Да не заборавиме дека МСУ Скопје воопшто постои благодарение на солидарноста по земјотресот во 1963 година, кога уметници од целиот свет донираа дела. Денес, таа историја повторно оживува, но во нов контекст – како прашање: дали солидарноста и утопијата сè уште се можни?

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни