Тешки обвинувања од Нови Сад: Полицијата користела забранет боен отров?

Студенти од Нови Сад обвинуваат дека полицијата користела CN гас – токсичен боен отров забранет за употреба. Полицијата демантира, а аналитичари предупредуваат на сериозни последици и можен обид за прикривање.

Студенти од Природно-математичкиот факултет во Нови Сад тврдат дека полицијата, при интервенција во студентскиот кампус на 5 септември, употребила опасен CN гас — супстанца класифицирана како боен отров. Министерството за внатрешни работи на Србија остро ги демантираше овие тврдења, нагласувајќи дека не поседуваат такви средства. Од друга страна, воениот аналитичар Александар Радиќ смета дека фактот што биле отстранети ознаките од пронајдените патрони укажува на обид за прикривање и употреба на забрането средство.

Сомнителни канистери и независна анализа

Сомнежот кај студентите се појавил кога виделе полицајци како по интервенцијата собираат испукани канистери. Самите започнале да ги собираат и пронашле десетици парчиња, од кои некои биле со намерно избришани ознаки. Ги дале на независна лабораториска анализа, која, според нив, покажала дека покрај стандардниот CS гас (сузавец), бил користен и CN гас – супстанца забранета во Србија поради сериозни здравствени ризици.

Анализата наведува дека токсичноста на CN гасот е значително повисока од CS гасот, и може да предизвика трајни оштетувања на рожницата и белите дробови. За разлика од тоа, CS гасот, ако е правилно употребен, не остава трајни последици.

МВР категорично демантира

Министерството за внатрешни работи веднаш одговори, тврдејќи дека полицијата не поседува CN гас и дека не може да го употреби. Во соопштението нагласија дека средствата кои ги користат се строго регулирани и одобрени, и не се штетни по здравјето при пропишана употреба.

„Средствата што ги користи полицијата се одобрени и не се опасни за здравјето на луѓето и животната средина, ако се користат правилно. Конкретно, полицијата располага само со хемиски метак MN-01 (со CS гас) и рачна хемиска бомба RB-N2, која исто така содржи CS гас. Нагласуваме дека овие средства ги користат само специјално обучени полициски службеници“, велат од МУП, и додаваат дека тврдењата се грубо дезинформирање на јавноста.

Воениот аналитичар Александар Радиќ укажува дека самото отстранување на ознаките од патроните е доказ за намера.

„Самото стругање на ознаките е доказ за перфидна примена – некој свесно одлучил да го користи CN и потоа да ги сокрие трагите. Ова не е нешто што можело случајно да се најде при рака. Ова е планирана употреба на CN – за да се нанесе максимална патња“, вели Радиќ, додавајќи дека таквото однесување е забрането дури и во време на војна.

Тој објаснува дека CN гасот е постара и поопасна супстанца, со многу посилни и подолготрајни ефекти од CS. Иако му е намена привремено онеспособување, тој е отфрлен поради сериозните последици кои може да ги предизвика.

Иронија на српското производство

Радиќ потсетува дека српската компанија „Трајал“ од Крушевац е голем производител и извозник на средства со CS гас, кои се користат ширум светот. „Значи, земја што снабдува други со CS, сама користи стара залиха на CN“, вели тој, и додава дека веројатно се работи за застарена стока од складишта.

Аналитичарот укажува и на недореченостите во Законот за полиција, каде што се дозволува употреба на хемиски средства, но не се прецизира кои точно. Тоа, според него, само ја засилува потребата од истрага.

„На социјалните мрежи се појавија и сведоштва од полицајци кои имале здравствени проблеми – што е парадоксално, бидејќи тие би требало да бидат обучени за користење на тие средства“, заклучува Радиќ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни