Тешка несреќа во Перу: Автобус падна во провалија, десетици загинати

Најмалку 37 лица загинаа, а десетици се повредени во Перу, откако автобус излетал од патот и паднал во провалија длабока околу 200 метри по судир.

Несреќата се случила во раните утрински часови во средата, на „тежок“ дел од Панамериканскиот автопат што ги поврзува Перу и Чиле, во јужниот регион Арекипа, пренесува BBC.

Според локалните медиуми, во автобусот имало околу 60 патници. Возилото се судрило со пикап во свиок, по што излетало од коловозот и паднало до брегот на реката Окоња.

Несреќите со автобуси во Перу се чести, особено ноќе и на планинските патишта, поради лошите услови на патиштата, големата брзина и недостигот од сигнализација.

Автобусот на компанијата „Љамосас“ сообраќал од градот Чале, во покраината Каравели, кон Арекипа. Двајцата возачи, според извештаите, ја преживеале несреќата, која се случила на 780-тиот километар од јужниот крак на Панамериканскиот автопат.

Фотографии од местото на настанот покажуваат целосно уништен автобус на дното од стрмната провалија – со скршени прозорци, деформирана каросерија и урнат покрив.

Валдор Јерена, началник на округот Окоња, за локалното радио RPP изјавил дека теренот во овој дел е „многу тежок“ и дека областа има долгогодишна историја на смртоносни сообраќајни несреќи.

Полицијата соопшти дека стручни тимови ќе го утврдат точниот причинител на несреќата. Регионалниот шеф на здравството во Арекипа, Валтер Опорто, потврди дека 36 лица починале на лице место, а уште едно лице подоцна починало во болница. Тој се повикал на информации од пожарникарите кои интервенирале на терен.

Здравствените служби за RPP информираа дека 25 лица, меѓу кои и тројца малолетници, се лекуваат во локалната болница. Истрагата е во тек, а возачот на пикапот е уапсен, соопшти Државното обвинителство.

Според официјални податоци, во 2022 година во сообраќајни несреќи во Перу загинале повеќе од 3.300 лица, а безбедноста на патиштата останува голем проблем. Панамериканскиот автопат, долг 48.000 километри – од Алјаска до јужна Аргентина – го држи рекордот како најдолга патна рута по која може да се вози автомобил.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни