Американската амбасада во Тринидад и Тобаго ги предупреди Американците да се држат подалеку од владини објекти на САД во таа островска земја.
Невообичаеното предупредување доаѓа во време кога тензиите меѓу САД и Венецуела растат поради американските напади врз осомничени трговци со дрога во карипските води, во кои досега загинаа повеќе од 20 лица.
Венецуела се наоѓа само неколку километри од Тринидад.
Министерот за внатрешна безбедност на Тринидад и Тобаго, Роџер Александер рече дека предупредувањето е издадено поради закани упатени кон американски граѓани и дека американските власти наведуваат дека „тие може да бидат поврзани“ со тензиите во регионот.
Александер додаде дека властите во Тринидад и Тобаго одговориле на заканите со спроведување безбедносни мерки, со цел да се справат со какви било ситуации што може да се појават.
Локалните власти одбија да дадат конкретни детали за пријавените закани.
Министерот Александар изјави дека американските претставници на брифингот со властите на Тринидад и Тобаго ја споменале напнатата ситуација во регионот, поради шесте напади врз американски бродови, во кои загинаа најмалку 28 лица.
По последниот напад врз глисер во Карибите, за кој се сомневаше дека транспортира дрога, американските власти ги приведоа преживеаните.
Администрацијата на Трамп објави дека ги смета наводните трговци со дрога за нелегални борци, со кои мора да се справи со употреба на воена сила.