Ирански вооружени бродови денеска се приближиле до американски нафтен танкер во Ормускиот Теснец и му наредиле да се запре, објави Волстрит журнал, повикувајќи се на безбедносни извори. По одбивањето на наредбата, танкерот ја зголемил брзината, а набргу му се приклучил и американски воен брод кој го придружувал до безбедна зона.
Според компанијата за поморска безбедност „Vanguard Tech“, при влегувањето во стратешки важниот теснец што ги поврзува Персискиот Залив и Индискиот Океан, кон танкерот се приближиле шест ирански бродови вооружени со митралези калибар 12,7 милиметри. Од екипажот било побарано да ги исклучи моторите и да се подготви за качување на иранските сили.
Американски официјални лица потврдиле дека станува збор за танкер под американско знаме и дека пловилото било безбедно испратено по интервенцијата на американската морнарица.
Според податоци на аналитичката компанија „Kpler“, танкерот испловил од Обединетите Арапски Емирати и бил на пат кон Бахреин, каде што се наоѓа една од клучните американски поморски бази во регионот.
Американски претставник изјавил и дека Иран планирал воени вежби со вистинска муниција во Ормускиот Теснец во текот на неделава, но тие биле откажани по предупредување од Вашингтон.
Инцидентот го потврди и Британската служба за поморска трговија (UKMTO), која соопшти дека примила извештај за повеќе помали вооружени пловила кои се обиделе да запрат трговски брод. Пловилото ја игнорирало наредбата и продолжило со пловидбата, без да бидат наведени државите што учествувале во инцидентот.
Настанот се случува во период кога САД го зајакнуваат своето воено присуство на Блискиот Исток, во рамки на подготовките за можни воени опции против Иран. Според оценките на американските медиуми, обидот за запирање на танкерот се смета за иранска провокација во момент на засилено американско воено присуство во регионот.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп најави испраќање на „армада“ во регионот, а кон крајот на јануари таму пристигна и ударната група на носачот на авиони USS Abraham Lincoln, заедно со борбени авиони Ф-35 и системи за противракетна одбрана.
Во исто време, извори блиски до ситуацијата наведуваат дека иранските власти се заканиле со повлекување од најавените разговори со американските изасланици Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои треба да се одржат во петок во Турција. Според најавите, разговорите требало да бидат фокусирани на иранската нуклеарна програма и отворање дипломатски канал за намалување на ризикот од директен судир.
