Големи промени се случуваат во германската индустрија: додека во некои водечки компании, како што е Фолксваген, се укинуваат работни места, производителите на тенкови и крстосувачки ракети очајнички бараат нови работници.
Во актуелната студија на консултантската фирма EY и Декабанк, се проценува дека ќе се инвестираат 72 милијарди евра годишно во оружје од европските членки на НАТО, што ќе создаде или обезбеди 680.000 работни места во Европа.
Слични резултати покажува и истражувањето на консултантската фирма Кирни. Меѓутоа, точниот број на потребни стручни работници ќе зависи од нивота на воени трошоци. Ако европските држави во иднина одвојат два отсто од нивниот БДП за одбрана, како што пропишуваат правилата на НАТО, до 2030 година ќе недостигаат околу 160.000 стручњаци.
„Со умерено зголемување (2,5% на БДП) би можело да има околу 460.000 неисполни работни места, а со значително зголемување (3%) дури и до 760.000“, велат авторите на студијата, Гидо Хертел и Нилс Кулвајн. Особено недостигаат стручњаци за вештачка интелигенција и анализа на големи податоци (big data).
Од каде ќе дојде работната сила?
Производителите на оружје, радарски технологии и преносни системи за борбени возила не бараат само нови работници, туку и производни локации за очекуваното зголемување на нарачките.
Логично е да се трага по работници од индустрии кои се во криза. „Ние профитираме од проблемите на автомобилската индустрија“, вели Оливер Дере, директор на баварската компанија Хензолт, која произведува високоефикасни радари. Тие се користат, на пример, во Украина за противвоздушна одбрана. Еден од нивните системи може да открие и невидливи бомбардери, како што е американскиот Ф-35, направен од материјали што го прават речиси невидлив за радари.
Компанијата веќе преговара со автомобилските добавувачи Континентал и Бош за преземање на нивните работници, потврдува Дере.
Во источно-германскиот Герлиц, на границата со Полска, концернот за производство на оружје KNDS ја презема фабриката на производителот на возови Алстом, која требаше да биде затворена во 2026 година. Концернот планира да преземе половина од 700 работници. Во поранешната фабрика за возови ќе се произведуваат делови и модули за тенковите Леопард 2, Пума и Боксер, а производството треба да започне во 2025 година.
Конкурентскиот Рајнметал исто така се потпира на работници од други сектори: таму, поранешен специјалист за специјални компоненти во нафтената индустрија сега произведува цевки за тенкови во фабриката на компанијата во северна Германија, а една поранешна козметичарка лакира тенковски гранати.
Колку е лесно преминувањето во наменската индустрија?
Преминувањето од цивилната во наменската индустрија не е секогаш едноставно, нагласува Ева Брикнер во интервју за DW.
„Ова е возможно само за одредени позиции и со стручни специјализации“, вели таа, консултантка специјализирана за безбедносната и воената индустрија.
„Работник на производната линија во Фолксваген може да најде работа во некои компании за производство на оружје. Па дури и развоен инженер може да премине во наменската индустрија по одреден период на прилагодување.“
Меѓутоа, тоа не е можно за сите занимања, на пример, за специјалисти за продажба или набавка, предупредува Брикнер.
Ханс Кристоф Ацподжен, главен директор на Сојузот за безбедност и воена индустрија, истакнува дека во многу компании за производство на оружје е обавезна безбедносна проверка на вработените – што може да потрае.
„Тековните процедури за одобрување на овие дозволи не се доволно брзи за да овозможат брзи прилагодувања на работниците“, вели тој за DW.
Во таа процедура, голема улога игра т.н. листа на држави. На оваа листа германското Министерство за внатрешни работи има земји кои претставуваат безбедносен ризик. На неа се Авганистан, Кина, Виетнам, Ирак, Иран, Сирија, Русија и поранешни советски републики. Дури и подолг престој во некоја од овие земји може да претставува пречка за вработување во наменската индустрија.
Американски експерти доаѓаат во Европа?
Европа нема да може брзо да најде доволно стручна работна сила и менаџери за потребите на наменската индустрија. Тука би можеле да помогнат стручњаците од САД, вели Ева Брикнер. Таа објаснува: „Трамп најави намалување на трошоците за истражувачки институти и универзитети, што отвора можност за Европа.“
САД досега со елитните универзитети и големите износи за истражувања привлекуваа врвни стручњаци од целиот свет. „Но ако тие средства се намалат, Европа може да каже: „Ние ќе бидеме мотор на иновации и ќе привлечеме талентирани луѓе“, смета Брикнер.
Таа вели дека веќе добива барања од САД – некои стручњаци не добиле продолжување на Зелената карта, а некои чувствуваат дека повеќе не се ценети во САД. „Многумина се прашуваат дали сакаат да ја поддржат новата американска политичка и геополитичка насока. Ова е голема шанса за Европа и треба да ја искористиме“, нагласува Брикнер.
Кои профили уште недостигаат?
Според неа, наменската индустрија мора да најде нови начини за привлекување работна сила. Таа, помеѓу другото, смета дека повеќе жени на водечки позиции во индустријата, која ја доминираат поранешни воени офицери, би можеле да донесат позитивни промени.
Нилс Кулвајн од консултантската фирма Кирни предупредува дека дигитализацијата го менува профилот на побараните работници. И објаснува: „Стручњаци за ИТ, вештачка интелигенција и анализа на податоци се исклучително барани, но ги нема доволно.“
Ева Брикнер истакнува дека компаниите во иднина ќе мора да преземат дополнителни мерки за да привлекат потребните стручњаци: „Сигурна сум дека ќе мораат да ги зголемат понудените плати за да бидат конкурентни на пазарот на работа.“