Во англискиот град Ковентри, кој се наоѓа на околу 30 километри од Бирмингем, во канта за отпадоци е пронајдено телото на маж, соопшти полицијата.
Телото било откриено од граѓанин во петок околу 17 часот во паркот Cash’s Park. Се проценува дека жртвата била на возраст меѓу 40 и 50 години, но сè уште не е идентификувана.
Полицијата на Вест Мидлендс верува дека мажот можеби бил удрен од возило, по што неговото тело било преместено во паркот.
Полицајците и понатаму се на местото на настанот, каде што истрагата продолжува, пренесуваат медиумите.
Во соработка со градските власти, истражителите се обидуваат да утврдат од каде е донесена кантата за отпадоци со зелен капак во која било пронајдено телото.
Главниот детективски инспектор Фил Пул упати апел до јавноста за помош.
„Итно бараме да ни се јави секој што се сомнева дека вчера можеби удрил пешак со автомобил. Исто така ги повикуваме сите кои забележале промена во однесувањето кај некој што вози или виделе оштетување на нечие возило да нè контактираат“, изјави Пул.
Тој додаде дека е клучно што побрзо да се пронајде лицето кое можеби било вмешано во инцидентот за да се утврди што точно се случило.
Полицијата ги повика и жителите од тој дел на градот да се јават доколку им е украдена канта за отпадоци со зелен капак.
Исто така, се апелира до сите кои имаат снимки од надзорни камери или камери во автомобили од тој регион да ги споделат со полицијата.