Технолошки милијарди под ризик: Amazon, Microsoft и Google „заглавени“ меѓу два воени теснеца

Големите технолошки инвестиции во Персискиот Залив се загрозени поради затворањето на Ормуски теснец и Црвеното Море, клучни рути за интернет инфраструктура.

Милијарди долари вложени од технолошките гиганти како Amazon, Microsoft и Google во Персискиот Залив се најдоа во сериозна опасност, откако клучните поморски рути Ормуски теснец и Црвено Море – практично станаа воени зони.

Овие компании со години инвестираа во дата-центри во регионот, надевајќи се дека Заливот ќе стане глобален центар за вештачка интелигенција. Но, нивната инфраструктура зависи од подморски кабли што минуваат токму низ овие тесни и сега ризични коридори.

Ситуацијата дополнително ескалираше кога Корпусот на исламската револуционерна гарда прогласи затворање на Ормускиот теснец на 3 март, заканувајќи се со напади врз секој брод што ќе се обиде да помине. Истовремено, бунтовниците Хути во Црвеното Море ги обновија нападите врз трговски бродови.

Ова создаде преседан, двата најважни премини за глобалниот интернет и трговија истовремено да бидат блокирани.

Преку Црвеното Море минуваат околу 17 подморски кабли што носат најголем дел од интернет сообраќајот меѓу Европа, Азија и Африка. Дополнителни кабли низ Ормус ги поврзуваат земјите како Иран, Ирак, Кувајт, Бахреин и Катар.

Иако каблите ретко се директна цел, ризикот од случајни оштетувања е огромен. Во 2024 година, оштетување на три кабли во Црвеното Море прекина околу 25% од интернет сообраќајот меѓу континентите, а поправките траеја со месеци.

Во меѓувреме, нападите веќе ја погодија инфраструктурата – дронови таргетираа три дата-центри на Amazon Web Services во Обединети Арапски Емирати и Бахреин, при што компанијата ги предупреди клиентите дека условите остануваат „непредвидливи“.

Проблемот ја открива и слабоста на американската стратегија. Додека САД се фокусираа на ограничување на технолошкиот развој на Кина, физичката заштита на инфраструктурата во регионот била запоставена.

Дополнителен удар е и тајмингот – само неколку месеци по најавените инвестиции од над 2,2 трилиони долари, вклучително и огромни AI-проекти како „Stargate UAE“ во Абу Даби и нови центри во Ријад.

Со оглед на географските ограничувања и недостатокот на алтернативни рути, експертите предупредуваат дека евентуален прекин на повеќе кабли би можел да предизвика долготрајни глобални нарушувања – не само во интернетот, туку и во економијата.

Кризата јасно покажува дека дигиталната инфраструктура, која долго време се сметаше за „невидлива“, сега станува клучна геополитичка точка – подеднакво важна како и нафтата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни