Судирот меѓу САД, Израел и Иран дополнително ескалира по американскиот напад врз иранскиот остров Харг – едно од најважните чворишта за извоз на иранска нафта. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека во нападот биле погодени клучни воени цели и дека иранските воени капацитети се сериозно ослабени.
„САД го поразија и десеткуваа Иран“, изјави Трамп, додавајќи дека американските сили успешно ги погодиле сите планирани цели.
Техеран демантира дека Хамнеи е ранет
Иранските власти ги отфрлија американските тврдења дека новоизбраниот врховен лидер Моџтаба Хамнеи е ранет.
Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, изјави дека Хамнеи нормално ги извршува своите должности и дека политичкиот систем на земјата функционира без проблеми и покрај воената ескалација.
„Мислам дека наскоро сите ќе видат дека нема никакви проблеми со новиот врховен лидер. Тој ја испрати својата порака и ги извршува своите должности во согласност со уставот на Исламската Република Иран“, изјави Аракчи за американска телевизија.
Закани за напади врз американски интереси
По американскиот напад, Техеран се закани со удари врз американски интереси во регионот, вклучително и пристаништа и нафтени складишта во Обединетите Арапски Емирати.
Остатоци од пресретнат ирански дрон предизвикале голем пожар во едно од најголемите складишта за нафта во Емиратите, додека во ракетен напад била оштетена и американската амбасада во Багдад.
Иран истовремено најави нови ракетни напади и порача дека Украина станала легитимна цел поради поддршката што му ја дава на Израел.
Борбите се шират и во Либан
Паралелно со ескалацијата меѓу САД и Иран, конфликтот се шири и во Либан, каде што израелските воздушни напади продолжуваат да погодуваат цели поврзани со Хезболах.
Според либанските власти, досега во нападите загинале повеќе од 800 луѓе, додека над 830.000 жители биле принудени да ги напуштат своите домови.
Во меѓувреме, Израел разгледува можност за проширување на копнената операција во јужниот дел на Либан, додека во дипломатските кругови се споменува и можност за посреднички преговори со учество на САД и европските земји.