Техеран интензивно ги засилува подготовките за можен вооружен конфликт, откако иранските власти најавија дека повеќе од 2,5 милиони жители на главниот град ќе можат да бидат згрижени во подземни засолоништа доколку дојде до напад од Соединетите Американски Држави.
Според шефот на Техеранската организација за управување со кризи, Али Насири, над 300 подземни објекти, меѓу кои паркинзи и метро-станици, се предвидени за користење како засолништа за цивилното население. Од нив, 82 метро-станици веќе се означени како клучни точки за евакуација и се опремени со основни услови за преживување – тоалети, резерви на вода и храна, како и опрема за итни случаи.
„Во наредниот период ќе бидат поставени информативни табли и јасна сигнализација за граѓаните да знаат каде можат да побараат засолниште во случај на опасност“, изјави Насири за иранската телевизија SNN.
Тој додаде дека, по завршувањето на административните процедури и добивањето неопходни дозволи, капацитетот на засолништата ќе достигне околу 2,5 милиони лица. Дополнително, идентификувани се и 518 стари засолоништа во училишта, но, како што наведе, само околу 20 проценти од нив можат реално да се реконструираат и повторно да се користат.
Подготовките доаѓаат во момент на засилени тензии меѓу Вашингтон и Техеран. Американскиот претседател Доналд Трамп на 26 јануари изјави дека „масивна армада“ се движи кон Иран, изразувајќи надеж дека иранските власти ќе прифатат преговори за „фер и праведен договор“, кој би значел целосно откажување од нуклеарно оружје.
Изјавите и мерките од двете страни дополнително ја зголемуваат загриженоста за можна ескалација со сериозни последици за регионот и цивилното население.
