Иран официјално ги прогласи армиите на европските земји за терористички групи, како директен одговор на одлуката на Европската унија да ја стави Иранската револуционерна гарда (IRGC) на листата на терористички организации.
Одлуката ја соопшти претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, кој пред пратениците изјави дека чекорот е донесен врз основа на член 7 од законот за контрамерки против означувањето на Револуционерната гарда како терористичка организација.
„Со обидот да ја нападнат Револуционерната гарда, Европејците си пукаа во нога и донесоа одлука спротивна на интересите на сопствениот народ, слепо следејќи ги САД“, порача Галибаф.
Како симболичен гест на поддршка, тој и дел од пратениците се појавија во униформи на IRGC. Засега не се јасни непосредните практични последици од оваа одлука.
Ескалација по историска одлука на ЕУ
Европската унија во четвртокот направи значајна промена во односот кон иранското раководство, откако ја прогласи Револуционерната гарда за терористичка организација. Овој чекор следува по најкрвавите пресметки со протестите во Иран од основањето на Исламската Република во 1979 година.
Со оваа одлука, IRGC се најде на истата листа со организации како Исламска држава и Ал-Каеда, што претставува силен политички и дипломатски сигнал од Брисел.
Неколку земји-членки на ЕУ, предводени од Франција, долго време се спротивставуваа на ваков потег. Сепак, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, порача дека „репресијата не смее да остане без одговор“ и дека министрите за надворешни работи направиле „одлучен чекор“.
Можно протерување на воени аташеа
Галибаф најави дека парламентарната комисија за национална безбедност ќе разгледува можност за протерување на воените аташеа на земјите од ЕУ, во координација со иранското Министерство за надворешни работи.
Иранската револуционерна гарда, формирана по Исламската револуција во 1979 година со цел заштита на шиистичкиот клерикален систем, има огромно политичко, воено и економско влијание во земјата и контролира значителни сегменти од економијата и вооружените сили.
