Над 150 тату артисти од целиот свет доаѓаат во Скопје

„Artist Republic 2026“ на 14 и 15 март во „Александар Палас“ ќе ја обедини регионалната и меѓународната тату сцена

Скопје во март ќе стане центар на регионалната и меѓународната тату сцена, кога во хотелот „Александар Палас“ ќе се одржи конвенцијата „Artist Republic 2026“, на која се очекува учество на повеќе од 150 тату артисти од различни земји.

Настанот ќе се одржи на 14 и 15 март и има цел да ја промовира тетоважата како современа форма на уметничко изразување и да ја поврзе креативната заедница од регионот и пошироко.

На конвенцијата ќе се претстават уметници кои работат во различни стилови – од класични и традиционални техники до модерни и експериментални пристапи. Посетителите ќе имаат можност на едно место да се запознаат со најновите трендови во тату уметноста и директно да комуницираат со артистите.

Освен тетовирање во живо, програмата ќе вклучува и музички настапи, панел-дискусии, работилници и интерактивни активности, со што настанот се претвора во целосно креативно искуство за љубителите на уметноста.

„Artist Republic 2026“ има за цел да создаде простор каде артистите и публиката ќе можат да разменуваат идеи, да воспоставуваат нови професионални контакти и да градат креативни соработки.

Организаторите сметаат дека настанот може да придонесе и за поголема видливост на македонската креативна сцена, како и за развој на културниот туризам во градот.

Со учесници и гости од повеќе земји, конвенцијата се очекува да донесе дополнителна динамика и во локалната економија, особено во хотелскиот и угостителскиот сектор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни