Таткото на Ејми Вајнхаус ги тужи нејзините пријателки, бара 835.000 евра оштета

Таткото на покојната пејачка Ејми Вајнхаус, Мич Вајнхаус, покрена судски спор против две нејзини поранешни цимерки, барајќи оштета од 730.000 фунти (околу 835.000 евра).

Тој тврди дека Наоми Пери и Катринa Горлај незаконски заработиле продавајќи лични предмети што им припаѓале на Ејми, иако, како што вели, тие не биле нивна сопственост, пренесува Daily Mail.

Ејми Вајнхаус почина во 2011 година, на 27-годишна возраст, од труење со алкохол, по долгогодишна борба со зависности. По нејзината смрт, татко ѝ останал во контакт со двете блиски пријателки на пејачката, кои во различни периоди живееле со неа.

Спор околу аукција во Лос Анџелес

Судската постапка уследи по аукцијата во Лос Анџелес во 2021 година, на која семејството понуди околу 700 предмети од оставнината на Ејми, со намера најголемиот дел од приходите да оди во хуманитарната фондација која го носи нејзиното име.

Дури потоа Мич открил дека Пери и Горлај продале околу 150 предмети, главно парчиња облека, и ја задржале заработката.

Две години подоцна, Горлај на друга аукција ги продала и озлогласените „крвави балетанки“ што Ејми ги носела во 2007 година за време на турбулентен излет со сопругот Блејк Филдер-Сивил. Балетанките се продале за 3.000 фунти.

Почеток на судењето и клучните докази

На отворањето на граѓанското судење во Лондон, Мич Вајнхаус, кој го наследил целото богатство на Ејми, бидејќи таа не оставила тестамент, го изразил своето разочарување и бес. Тој бара пријателките да го вратат целиот износ со цел парите да ги донира за изградба на училиште на Света Луција.

Адвокатот на Мич, Хенри Лег Јеј-Си, пред судот изјавил:
„Дури по завршувањето на аукцијата во 2021 година господин Вајнхаус откри дека госпоѓиците Пери и Горлај тврделе дека се сопственички на повеќе од 150 предмети и дека сакаат да го задржат целиот приход. Нивните тврдења целосно се косат со документацијата.“

Како доказ била поднесена и преписка меѓу аукционeerот Дарен Џулиен и Наоми Пери. Во пораките се гледа дека таа била свесна дека Мич смета оти предметите припаѓаат на семејството, додека Џулиен ѝ пишува:
„Мислам дека Мич верува дека тој е сопственик на тој фустан.“
Пери одговара: „Неверојатно!!“, по што следува ироничен коментар од Џулиен: „Обожавам да те правам среќна.“

Пери и Горлај тврдат дека биле блиски пријателки на пејачката, Пери дури работела како нејзина стилистка и дека многу од предметите биле нивни лични работи, позајмени на Ејми или подарени од неа. Затоа, велат, имале целосно право да ги продадат.

Во текот на распитот, Мич Вајнхаус призна дека Ејми била исклучително дарежлива. И навистина, во своите мемоари напишал дека таа подарила часовник вреден 20.000 фунти и позајмувала големи суми пари пријателиte „без да очекува да ги види назад“.

Сепак, тој додал: „Претпоставувам дека би им дала некои работи, но не верувам дека станува збор за 150 предмети.“

Судењето продолжува, а случајот привлекува големо внимание поради чувствителната природа на оставнината на една од најпознатите пејачки на својата генерација.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни