Марлен Дитрих, иконата на германскиот и холивудскиот филм, не била само симбол на гламур и женственост — туку и на храброст и отпор против злото. Во време кога жените ретко имале можност за политичко влијание, таа осмислила план што би можел да промени тек на историјата: да го убие Адолф Хитлер.
Според биографијата „Marlene Dietrich: A Personal Biography“ на авторката Шарлот Чендлер, актерката решила да го искористи својот шарм и влијание за да му се приближи на Хитлер — само за да го убие.
„Знаев дека веројатно нема да преживеам, но тоа би било вредно. Ако можам да го спречам злото, вреди да умрам,“ наводно рекла Дитрих.
Планот за атентат
Во разговор со актерот Даглас Фербанкс Џуниор, Марлен му ја открила својата идеја.
„Слушам дека Хитлер ме обожава. Неговите луѓе постојано ми нудат да се вратам во Германија и да снимам филмови за него. Треба само да прифатам еден филм, и ќе ми го дадат целиот свет,“ рекла таа.
Нејзиниот „златен план“ бил едноставен, но смртоносен: под изговор дека прифаќа соработка, да побара приватна средба со Хитлер, да го заведе и во момент на доверба да го убие.
Планирала да дојде облечена речиси во ништо, носејќи само шнолка со отров која би ја пренела незабележано покрај обезбедувањето.
„Би му рекла дека сум му луда по него, дека го славам. Би чекала да стане ранлив — и потоа би дејствувала,“ признала таа.
Марлен знаела дека нема да има шанса за бегство:
„Би отишла таму подготвена да умрам. Но ако со тоа го спасам светот — тоа би било прекрасно.“
Од убиство до отпор
Иако планот никогаш не бил реализиран, Марлен Дитрих го насочи својот отпор во дело.
Таа активно работела против нацистичкиот режим — настапувала пред сојузничките војници, помагала на Евреите да избегаат од нацистичка Германија и соработувала со режисерот Били Вајлдер во спасувањето на бегалци.
За нејзината храброст и ангажман, САД ѝ ја доделија Медалјата на слободата — највисокото цивилно одликување за странски државјани.
Иако не го реализирала својот план да го убие Хитлер, Марлен Дитрих остана симбол на морална храброст и отпор против тиранијата. Нејзината борба не била со оружје — туку со ум, уметност и човечност.
