Ватиканските техничари ја подготвија просторијата така што таа практично стана најубавиот “бункер” во светот. Поставен е привремен под на исто ниво со олтарот, под кој — според некои извори — се поставени жици, звучници, па можеби и уреди за блокирање сигнали (ометачи), заштита од дронови и дури и тајни технички решенија на ниво на филм.
Некои прозорци се прекриени со специјална фолија за да се блокираат дронови и камери, а поставени се и плочки што го спречуваат сигналот од мобилните телефони, кои и онака се забранети.
Во 2013 година се шпекулираше дека Ватикан користел и „Фарадеев кафез“ — метална структура што ги блокира електромагнетните бранови — за дополнителна безбедност.
Во понеделникот, Ватикан им испратил известување на своите „почитувани клиенти“ дека сите предаватели на сигнал ќе бидат исклучени во среда од 15 часот и нема да се вклучат додека не биде избран новиот папа.
Сепак, бидејќи Ватикан е опкружен со Рим, не е јасно дали се преземаат мерки и за блокирање на сигнали однадворешната територија.
Кардиналите ќе гласаат до четири пати дневно, а минатата недела беше поставен димњак на капелата преку кој ќе се согоруваат гласачките ливчиња. Црн дим значи дека нема одлука, а бел дим — дека е избран 267-от папа во историјата.
Во меѓувреме, кардиналите ќе бидат сместени во Домот Света Марта, каде што веќе се отстранети сите гости и техничка опрема. Главниот влез е затворен, а се користи страничен влез со јасна ознака за кардиналите.
Безжичниот интернет-сигнал (Wi-Fi) во објектот е веќе ослабен. Ватикан има свои системи за откривање дронови, а добива и техничка поддршка од Италија.
Безбедносни лица и припадници на швајцарската гарда во цивил ќе ги придружуваат кардиналите до и од капелата, и ако посакаат, тие можат да ја поминат кратката релација и пешки.
„Кардиналите ќе бидат заштитени во секој момент. Дури и ако сакаат да прошетаат низ градините или да излезат да запалат цигара, никој нема да може да им се приближи“, вели извор запознаен со безбедносните процедури.
Сите придружници— свештеници, готвачи, возачи, хигиеничари — положиле заклетва за „апсолутна и трајна тајност“. Прекршувањето на ова правило води до автоматско исклучување од Црквата.