Неколку дена пред важниот состанок на Генералното собрание на Обединетите нации, посветен на хроничните болести, Светската здравствена организација (СЗО) јавно ги обвини компаниите што произведуваат тутун, алкохол и ултра-преработена храна дека вршат „интензивно лобирање“ за да го спречат воведувањето на политики за подобрување на јавното здравје.
Во соопштението објавено во четвртокот, СЗО изјави дека овие „моќни индустрии“ редовно се обидуваат да ги блокираат, ослабат или одложат зголемувањата на даноци, ограничувањата на маркетинг насочен кон младите, како и други здравствени реформи што можат да спасат животи.
“Неприфатливо е што комерцијалните интереси профитираат од сè поголем број смртни случаи и болести,” рече д-р Етиен Круг, директор на Одделот за детерминанти на здравје во СЗО.
“Владите мора да ги стават луѓето пред профитите и да обезбедат дека политиките базирани на докази нема да бидат саботирани од корпоративен притисок,” додаде тој.
Состанокот на ОН ќе се фокусира на хронични болести како срцеви заболувања, дијабетес, рак и астма, кои и понатаму се водечки причини за смртност на глобално ниво.
СЗО предлага зголемување на даноците за тутун, алкохол и засладени пијалаци
И покрај намалувањето на смртноста од хронични болести глобално, напредокот е забавен во последните неколку години, покажува последната анализа.
СЗО претходно ги повика владите да ги зголемат цените на тутунот, алкохолот и засладените пијалаци за најмалку 50% во следните 10 години.
Според проценките, ваквите зголемувања на даноците би можеле да спречат 50 милиони предвремени смртни случаи во следните 50 години, како и да обезбедат 1 трилион долари јавни приходи во наредната деценија.
Индустријата возвраќа – „Даноците не се доволни“
Претставници на индустријата повторно ги отфрлија препораките на здравствените власти. Организацијата UNESDA Soft Drinks Europe, која ги претставува производителите на безалкохолни пијалаци, изрази несогласување со водичите на СЗО за даночење на храна.
Тие тврдат дека зголемувањето на даноците не е доволно за да се подобри здравјето на населението, наведувајќи дека стапките на дебелина продолжуваат да растат дури и во земјите како Обединетото Кралство, кои веќе имаат данок на засладени пијалаци.
“Потребно е подобро разбирање на навиките во исхраната и начинот на живот на луѓето, наместо насочување кон една категорија храна,” изјави генералниот директор на UNESDA, Николас Ходак.