Засладените пијалоци и алкохолните напитоци стануваат сè поевтини во повеќето земји поради ниските даночни стапки, што придонесува за пораст на дебелина, дијабетес, срцеви заболувања, карциноми и повреди, предупредува Светска здравствена организација во два нови глобални извештаи објавени денеска во Женева.
Од СЗО истакнуваат дека слабите даночни системи овозможуваат штетните производи да останат достапни по ниски цени, додека здравствените системи се соочуваат со сè поголем финансиски притисок од болести што можат да се спречат. Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, нагласува дека „здравствените даноци се една од најсилните алатки за промоција на здравјето и превенција на болести“.
Иако глобалниот пазар на засладени пијалоци и алкохол генерира милијарди долари профит, државите прибираат само мал дел од таа вредност преку здравствени даноци, додека општествата ги сносат долгорочните здравствени и економски последици. Според извештаите, најмалку 116 земји вовеле даноци за засладени пијалоци, но многу производи со висока содржина на шеќер (како 100% овошни сокови, засладени млечни пијалоци и готови кафиња) често не се опфатени.
Кога станува збор за алкохолот, најмалку 167 земји наплаќаат даноци, а 12 го забраниле целосно. Сепак, алкохолот во повеќето земји останал подеднакво или станал уште подостапен поради тоа што даноците не го следат растот на инфлацијата и приходите. Во најмалку 25 земји, главно во Европа, виното воопшто не се оданочува, и покрај докажаните здравствени ризици.
СЗО наведува дека глобалниот удел на акцизи во цената на алкохолот останува низок (во просек 14% за пивото и 22,5% за жестоките пијалоци) додека даноците за засладени пијалоци изнесуваат околу 2% од цената на обична газирана пијачка. Организацијата ги повикува владите да ги зголемат и редизајнираат овие даноци во рамки на иницијативата „3 by 35“, со цел до 2035 година реално да се зголемат цените на тутунот, алкохолот и засладените пијалоци и да се намали нивната достапност.
