СЗО бара донации за здравствени кризи ширум светот

Поради недостиг на средства, затворени се илјадници здравствени центри, а милиони луѓе останаа без медицинска грижа

Светска здравствена организација (СЗО) годинава има потреба од најмалку една милијарда американски долари донации за справување со здравствени кризи и за лекување на потхранетост ширум светот.

Организацијата официјално упати повик за финансиска поддршка, со надеж дека ќе се вклучат и постојните и нови донатори, изјави во Женева Чикве Ихеквеазу, извршен директор на Програмата на СЗО за итни здравствени состојби. Според него, најголеми донатори на хуманитарна здравствена помош во изминатата година биле Европската Унија, Саудиска Арабија, Германија, Јапонија, Италија и Обединетото Кралство.

Ихеквеазу предупреди дека околу 250 милиони луѓе во светот живеат во услови на хуманитарни кризи – без безбедност, без стабилен покрив над главата и без пристап до основна здравствена заштита. Поради намалените буџети, СЗО моментално е принудена да се фокусира исклучиво на најкритичните подрачја.

Меѓу регионите со највисок приоритет се Појасот Газа, Блискиот Исток, Судан, Украина, Демократска Република Конго, Хаити и Мјанмар. Во овие области, Светската здравствена организација соработува со други хуманитарни актери, вклучувајќи ја и организацијата „Лекари без граници“.

За 2025 година, СЗО усвоила ориентативен буџет од 1,5 милијарди долари за итни здравствени интервенции. Сепак, досега биле обезбедени само околу 900 милиони долари. Како директна последица на финансискиот недостиг, затворени се околу 6.700 здравствени центри во кризно погодените региони.

Поради тоа, дури 53 милиони луѓе повеќе не добиваат здравствена грижа преку СЗО и нејзините партнери – податок што, според организацијата, претставува сериозна закана за глобалното јавно здравје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни