Тие предупредуваат дека ослабената моќ на францускиот претседател Емануел Макрон и немоќта на политичките партии да се договорат за извлекување на земјата од тешката економска криза и огромниот јавен долг, отвораат простор крајната десница да ја преземе власта.
Италијанскиот весник „Република“ заклучува дека Макрон ја турнал земјата во хаос, а „судбината на Европа во голема мера зависи од Франција, која стана слабa карика во синџирот на ЕУ“.
Белгискиот дневен весник „Соар“ смета дека „францускиот хаос е автопат за крајната десница и опасност за Европа“, бидејќи најмоќната крајнодесничарска партија во земјата, „Национално обединување“, сега бара и парламентарни и претседателски избори.
Во анализите се потсетува дека францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц неодамна апелираа за „оживување“ на демократијата во Европа, за која рекоа дека е загрозена од ерозијата на довербата во институциите и од „оската на автократски држави“.
Весникот „Соар“ истакнува дека неодговорноста на политичките партии, кои се интересираат единствено за власт, а не за извлекување на земјата од кризата, „ја торпедира француската демократија“.
Политичките аналитичари и медиумите го осудуваат и претседателот Макрон, кој целосно непромислено распиша вонредни парламентарни избори во јуни 2024 година, што предизвика нерешлива политичка криза.
Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ наведува дека „дојде до невидено расуло во Франција“ и поставува прашање: „Дали со оваа земја воопшто може да се управува и владее?“
„Паис“, шпанскиот дневен весник, оценува дека станува збор за „десетлетија невидена политичка криза“ и заклучува дека само некаква коренита промена може да спречи целосна блокада на Франција.
Според грчкиот весник „Нафтемпорики“, во Франција настанала „митолошка ситуација“ во која претседателот Макрон „не е некаков современ Јупитер, туку богот на времето Хронос, кој ги изел своите деца плашејќи се дека ќе го симнат од власт“.
Италијанскиот дневен весник „Кориере дела Сера“ заклучува дека „Франција потона во понижувачка состојба и стана извор на загриженост за Европа“.
Американскиот „Волстрит журнал“ предупредува дека оставката на четвртиот премиер за краток период „ја заострува политичката неизвесност во Франција, која се соочува со сериозни финансиски предизвици и неможност да го закрпи буџетот“.
Извор: N1info.rs