Трамп, кој не присуствува на состанокот, беше наречен „лажго“ од лидерите на Колумбија и Чиле поради неговото негирање на климатската наука и укинувањето на клучни еколошки политики. Тие го обвинија дека дејствува „против човештвото“.
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва предупреди на „екстремистички сили кои шират лажни вести и ја осудуваат иднината на човештвото на живот на планета засекогаш изменета од глобалното затоплување“.
Британскиот премиер Киер Стармер призна дека глобалната политичка поддршка за климатските акции слабее, истакнувајќи дека „порано ова беше обединувачко прашање, но денес тој консензус, за жал, исчезна“.
Во наредните две недели земјите ќе се обидат да постигнат нов договор за борба против климатските промени, со посебен фокус на финансирањето на заштитата на шумите.
Меѓутоа, на годинашниот самит забележливо отсуствуваат голем број светски лидери, меѓу кои и оние од Индија, Русија, Кина и САД.
Трамп неодамна на седница на Обединетите нации изјави дека климатските промени се „најголемата измама изведена врз светот“, отфрлајќи ја потребата од обновлива енергија. Тој порача дека „глобалистичкиот концепт кој бара успешните индустриски нации да се самоповредат и да ја нарушат својата економија мора целосно да се отфрли“.
Иако критиките кон Трамп беа добро прифатени од публиката во Белем, напредокот во преговорите околу конкретни чекори за намалување на глобалното затоплување останува тежок. Само неколку десетици лидери присуствуваат на COP30, а мнозинството земји сè уште немаат поднесено нови планови за намалување на емисиите на јаглерод.
Британската влада предизвика разочарување кај домаќините со одлуката да се повлече од својот дел во фондот од 125 милијарди долари за заштита на тропските шуми. Претседателот Лула се надеваше дека 25 милијарди долари ќе бидат обезбедени од развиените земји за поддршка на заедниците што ги штитат екосистемите како Амазон и Конго.
Поранешниот британски министер за животна средина, лорд Зак Голдсмит, изјави за Би-би-си дека „Бразилската влада е огорчена“ поради британското повлекување, кое дошло „во последен момент“.
Кнезот Вилијам, кој им се обрати на лидерите, го опиша фондот како „визионерски чекор кон признавање на улогата на природата во климатската стабилност“ и го номинираше за наградата Earthshot.
Тој ги повика светските лидери да дејствуваат со „итен оптимизам“ и да се издигнат „со јасноста што историјата ја бара од нас“.
„Да бидеме генерацијата што ќе го промени текот на историјата – не за аплауз, туку за благодарноста на оние што допрва ќе се родат“, порача Вилијам.
Самитот ќе продолжи две недели, со клучни разговори за финансирањето на адаптацијата на најпогодените земји од климатските катастрофи.
Последните недели беа обележани со екстремни временски настани ширум светот. Ураганот Мелиса, кој неодамна го погоди Карибите, предизвика најмалку 75 жртви и катастрофални поплави, а научниците од Империјал колеџот во Лондон проценуваат дека климатските промени го зголемиле екстремниот дожд за 16 проценти.
Извор: BBC