Светските берзи во пад поради заканите на Трамп кон ЕУ

Светските берзи забележаа пад на вредноста на акциите изминатата недела, откако инвеститорите се вознемирија поради намалувањето на кредитниот рејтинг на САД, како и поради новите закани од Вашингтон за зголемување на царините за увоз од Европската унија.

На Волстрит, индексот Dow Jones се намали за 2,5% и изнесува 41.603 поени, S&P 500 падна за 2,6% на 5.802 поени, а Nasdaq индексот се намали за 2,5% на 18.737 поени.

Уште на почетокот на неделата, индексите беа во минус откако агенцијата Moody’s го намали кредитниот рејтинг на САД од Aaa на Aa1, наведувајќи го високиот буџетски дефицит, растечките трошоци за финансирање и планираното намалување на даноците како главни причини.

Јавниот долг на САД моментално изнесува околу 36.200 милијарди долари и се очекува да порасне за дополнителни 3.800 милијарди во наредната деценија, бидејќи претседателот Доналд Трамп планира нови намалувања на даноците. Тоа доведе до зголемување на приносите на државните обврзници, што значи дека владата ќе се задолжува по поскапа цена.

Приносите на обврзниците се стабилизираа

Иако намалувањето на даноците би можело да ја поттикне потрошувачката и да го поддржи економскиот раст, од друга страна би довело до натамошно зголемување на јавниот долг – освен ако не се намали државната потрошувачка, што е еден од приоритетите на Трамп. Но, намалувањето на буџетските трошоци не оди лесно, ниту пак е проектот доволно подготвен.

Сепак, до крајот на неделата, приносите на обврзниците се стабилизираа, откако Претставничкиот дом на Конгресот со тесно мнозинство го поддржа Трамповиот предлог-закон за намалување на даноците. Сега се чека одлуката на Сенатот.

Но, во петокот, Трамп повторно ги вознемири пазарите со нова закана – воведување на 50% царини за увоз од Европската унија од 1 јуни, бидејќи е незадоволен од текот на трговските преговори меѓу САД и ЕУ.

И европските берзи под притисок

И на поголемиот дел од европските берзи се забележа пад на акциите. Исклучок беше лондонскиот FTSE индекс, кој порасна за 0,4% и достигна 8.717 поени. Од друга страна, франкфуртскиот DAX падна за 0,6% на 23.629 поени, а парискиот CAC изгуби 1,9% од вредноста, спуштајќи се на 7.734 поени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни