Неколку десетини илјади луѓе се собраа во Белград на голем протест против популистичкиот претседател на Србија, Александар Вучиќ и неговата влада, чија тврда власт е оспорувана со недели на уличните протести предводени од студентите, пренесува американската агенција Асошиејтед Прес.
Собирот на белградска Славија, еден од најголемите во последните години, го организираа студентите и синдикатите на земјоделците. Ова е дел од поширокото општествено движење кое бара одговорност за уривањето на надстрешницата на железничката станица на северот на земјата на 1. ноември, во кое загинаа 15 луѓе, јави АП и додаде дека помали собири се одржаа и во Ниш и Крагуевац.
Многумина во Србија за падот на надстрешницата ја обвинуваат „распространетата корупција и нeкомплетната документација на работа на зградата на железничката станица во Нови Сад, која во последните години беше двапати реновирана во рамките на сомнителни мегапроекти во кои учествуваат кинески државни компании“. Демонстрантите бараат Вучиќ и одговорните да се соочат со правдата, додаде АП.
Популарни српски театарски и филмски актери се придружија на протестот, а актерот Бане Трифуновиќ го опиша денешниот собир како „фестивал на слободата“.
Француската агенција АФП во својот извештај од протестот пренесува дека Владата на Србија е под притисок на протестите повеќе од седум недели по трагедијата во Нови Сад, а многу демонстранти ги обвинуваат властите за корупција и недостаток на контрола.
Митингот во Белград, кој го организираа студентите, започна со 15-минутно молчење, оддавајќи почит за 15-те загинати, а присутни беа и земјоделци, актери и други луѓе од цела Србија.
Демонстрантите ја зазедоа Славија и ја блокираа речиси целата централна зона на градот. Тие побараа оставка од премиерот Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад по несреќата, како и да се појават одговорните за случајот пред судовите. Студентите бараат и да се процесуираат оние кои ги нападнаа за време на претходните протести и бараат да се повлечат обвиненијата против нивните колеги кои учествуваа на собирите.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, рече во саботата дека нема да попушти пред демонстрантите. Во исто време, поттикна доделување субвенции за купување станови или куќи за младите, што многумина го сметаа како обид за смирување на тензиите, додава Франс Прес.