Денес, 4 март се одбележува Светскиот ден за подигнување на свеста за хуманиот папилома вирус (ХПВ) – еден од најчестите вируси што се пренесуваат по сексуален пат и главен причинител на карцином на грлото на матката. Овој ден е потсетник дека станува збор за сериозен, но превентабилен здравствен проблем.
ХПВ претставува група од повеќе од 200 типови вируси, од кои околу 40 се пренесуваат преку сексуален контакт. Се проценува дека повеќе од 80% од сексуално активните лица ќе дојдат во контакт со вирусот барем еднаш во текот на животот. Кај повеќето, инфекцијата поминува без симптоми и организмот сам ја елиминира. Но, кај дел од лицата вирусот може да перзистира и со тек на време да доведе до преканцерозни промени и карцином.
Од Македонската асоцијација на гинеколози велат дека во Македонија, карциномот на грлото на матката е меѓу најчестите малигни заболувања кај жените. Годишно се регистрираат приближно 150 до 170 нови случаи. Инциденцата изнесува околу 20 нови случаи на 100.000 жени годишно, што е повисоко од посакуваните европски стандарди. Дополнително загрижува фактот што се регистрираат случаи и кај многу млади жени.
Речиси 99% од случаите на карцином на грлото на матката се поврзани со долготрајна инфекција со високоризични типови на ХПВ. Ова ја прави оваа болест една од ретките малигни болести која може ефективно да се превенира.
Вакцинацијата – клучна превентивна мерка
Во Р. Македонија, ХПВ вакцинацијата е дел од националниот календар за имунизација и се препорачува за девојчиња и момчиња во адолесцентна возраст. Вакцината е безбедна, ефикасна и обезбедува заштита од најчестите високоризични типови на вирусот.
Сепак, опфатот со вакцинација во земјата изнесува околу 50–55%, што е значително под препорачаниот опфат од најмалку 90–95% потребен за колективна заштита. Ова укажува на потребата од дополнителна едукација и подигање на јавната свест.
Меѓународните искуства покажуваат дека земјите со висок опфат на вакцинација бележат драматично намалување на преканцерозните промени и на новодијагностицираните случаи на карцином на грлото на матката кај младите генерации.
Скринингот спасува животи
Покрај вакцинацијата, редовните гинеколошки прегледи се од суштинско значење. ПАП тестот и ХПВ тестирањето овозможуваат рано откривање на преканцерозни промени, кога третманот е едноставен и високо успешен. Важно е да се нагласи дека ХПВ инфекцијата често не предизвикува симптоми, па затоа редовните контроли се неопходни, дури и кога лицето се чувствува здраво.
Заедничка одговорност
„ХПВ не е „болест на одредена група” – тој ги засега и жените и мажите. Стигмата, дезинформациите и стравот можат да доведат до одложување на вакцинацијата и прегледите. Едукацијата, отворениот разговор и поддршката од здравствените институции се клучни за заштита на идните генерации.
Со комбиниран пристап – висока стапка на вакцинација, организиран скрининг и информирана популација – можно е значително намалување, па дури и елиминација на карциномот на грлото на матката како јавно-здравствен проблем“ вела од Асоцијацијата