Најмалата планета во Сончевиот систем, Меркур, долго време се сметаше за геолошки „мртво“ небесно тело – ладно, статично и без значајна внатрешна активност. Но, ново научно истражување сугерира дека оваа претпоставка можеби не е точна.
Според анализа објавена од Science Alert, необичните светли линии што се протегаат низ кратерите и падините на Меркур би можеле да бидат доказ за релативно скорешна, па дури и тековна геолошка активност. Овие формации, познати како линеи, досега беа слабо истражени и се сметаа за ретки и незначајни.
Стотици светли формации откриени со машинско учење
Астрономот Валентин Бикел од Универзитетот во Берн, заедно со колеги од Астрономската опсерваторија во Падова, анализирал повеќе од 100.000 сателитски снимки со висока резолуција, направени меѓу 2011 и 2015 година. Со помош на алгоритми за машинско учење, тимот идентификувал 402 светли линии на површината на Меркур,далеку повеќе од бројот што претходно им бил познат на научниците.
Истражувањето покажува дека овие линии најчесто се појавуваат на падини на кратери свртени кон Сонцето, но не секогаш потекнуваат од видливи вдлабнатини, што дополнително ја усложнува нивната интерпретација.
На други небесни тела ваквите светли формации не би можеле да опстанат долго време поради ерозија и влијанието на вселенската средина. Токму затоа, истражувачите сметаат дека линиите на Меркур се релативно млади и дека веројатно сеуште се формираат.
Според нивната хипотеза, овие појави не се само остатоци од далечното минато, туку индикатори за тековни процеси, поврзани со проток на топлина и ослободување на испарливи материи (како сулфур) од подземните слоеви на планетата.
Бикел објаснува дека испарливите материи можат да се движат кон површината преку мрежа од микропукнатини во карпите, кои најчесто се создаваат по силни метеорски удари. Откако ќе стигнат до површината, тие оставаат светли траги што се видливи од орбитата.
Истражувачите додаваат дека најголем дел од овие линии потекнуваат од светли вдлабнатини, познати како „шуплини“, кои исто така се поврзуваат со ослободување на испарливи материи и најчесто се наоѓаат во близина на големи ударни кратери.
Нови мисии може да ја потврдат хипотезата
Научниот тим очекува дека наредните мисии на Европската вселенска агенција (ESA) и Јапонската агенција за истражување на вселената (JAXA) ќе обезбедат нови, подетални снимки од површината на Меркур. Тие би можеле конечно да потврдат дали планетата навистина е геолошки поактивна отколку што досега се мислеше.
Доколку ова се потврди, Меркур би можел значително да го промени своето место во научното разбирање на еволуцијата на карпестите планети во Сончевиот систем.
