Свадбарска

Шетав низ уличките во Виена (близу музејскиот кварт)  и одеднаш се слушнаа автомобилски сирени.  Застанав, гледам поминува колона автомобили накитени со цвеќиња и панделки . Контам дека станува збор за свадбарска колона. Не знаев дека и Австријците го имаат овој обичај, ми беше првата помисла.

Арно ама, веќе следниот миг турбо фолк музиката од еден од автомобилите ме демантираше. Колоната застанува токму до мене и го слушам црномурестиот маж како на чист српски извикуваше „Ајмооо!“ придружен со усното свирење на неговите сопатници. Австријците застанати на тротоарите бледо и во неверување гледаа на овој спектакл очигледно ненавикнати дека некој среде бел ден вака го нарушува собраќајниот ред и градскиот мир.

Бидејќи колоната авотомобили застана, некои од сватовите излегоа пред автомобилите и почнаа да играат. Се појави и невестата. Во розе фустан, напудрена, нашминкана  и веќе испотена, па мораа да и го поправаат стајлингот. Очиигледно, Австријците сфатија дека станува збор за свадба , но нивното чудење остана исто.  

Ги набљудував свадбарите, но многу повеќе Австријците.

Од нивните лица се читаше не само изненадување туку и неодобрување  а кај некои од нив и исмевање на овој чин, кој е така нормален за Балканот и за сите нас кои живееме таму. Таа слика на разгоропадни Балканци кои свирејќи со автомобилите среде Виена ја најавуваа свршувачката на Адем и Зехра (нивните имиња заедно со знакот  Just Married беа напишани на задниот дел од плавиот мерцедес со кој се возеа) од една страна и изненадените  Австријци од друга страна, како да ме боцна и ме фрли во вртлогот на размислување за тоа што е она што ги вознемири староседелците. Дали буката од автомобилските сирени, окупирањето на улиците или нарушувањето на законите.

Сепак, свирењето на улици во знак на славење на некој интимен чин претпоставувам дека не е дозволено. Или пак, вознемиреноста на австриските лица повеќе беше резултат од неодобрувањето на тоа да некој се курчи и ги вознемира со гласни викотници, музика и слично само затоа што се оженил односно омажил. Или со други зборови, зошто некому му е потребно тоа да го обзнанува  гласно и јавно на целиот град. Голема работа, па  во Виена секој ден преку 130 парови се венчаваат и никој тоа не го прави на ваков екстровертен начин.

Тоа ме замисли за причината на ваквите обичаи – со автомобилски сирени да се вози низ улиците најавувајќи дека две лица ќе стапат во брак.  Дали вистинската причина е личната среќа или пак  фалење односно фрлање чалам, дека ете, нашиве деца, роднини итн, стапуваат во брак.

Можниот одговор ми го даде една средновечна Австријка која тој ден стоеше на улицата до мене и во неверување ја вртеше главата лево – десно. Мислејќи дека сум Австриец кој се смееше на она што го гледа ми прозборе. И реков дека не разбирам австриски.  Tогаш на англиски ја изговори следнава реченица: “Во 2015 година ( кога се случи овој настан) да му кажуваш на целиот град дека си се оженил е како да обзнануваш дека си јадел месо претходната вечер. Мислам кому му е битно веќе тоа. “

Да стварно , кому му е битно тоа се прашав и јас. Првиот одговор кој ми падна на ум беше – па веројатно на тие кои стапуваат во брак им е битно. Ама потоа се појави второто прашање. Добро, ако ти е битно зошто мора тоа да го обзнануваш на таков начин. Зошто тоа не го прават сите балканци. Сум бил на повеќе свадби и во Македонија  и во некои соседни земји и можам да кажам дека само на половина од нив се однесувале така. А, многу добро знам дека и на тие луѓе стапувањето во брак со саканата личност многу им значеше. Ама сепак, тоа големо значење не го опфаќаше и моментот на кажување на целиот град дека ете јас стапувам во брак.

Во разговор на оваа тема со мои пријатели етнолози, ми се потврди претпоставката дека во ваквото обзнанување на другите, (на градот, на селото) во неговата најдлабока суштина, покрај повеќето причини, лежи и таа да се пофалат но и да се направат завидливи другите, соседите, познаниците, а преку тоа фалбаџиите да се почуствуваат позначајни, поуспешни или поприфатливи во таа средина.  

Ако прочитате етнолошки истражувања ќе видите дека едно од  значењата на некои свадбарски обичаи биле токму тоа, да им се покаже на останатите дека нашите ќерки или синови успешно ја исполниле задачата.  Ете така било некогаш, ама за некои ликови така е и денес.  А денес, во  модерното време, кога можете да најдете и да имате безброј партнери и да се преженувате/ премажувате колку пати сакате,  да свирите со автомобили низ цел град  е само расипување на неделната попладневна дремка на вашите сограѓани. Или, како што ќе каже Австријката – кому му е битно што синоќа сте јаделе месо.

Авторот е истражувач, активист за човекови права, фотограф и магистер по социјална политика.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни