Државата наплати еден милион денари данок од донациите на „Support Kocani“

Од вкупно речиси 11 милиони денари собрани преку хуманитарната иницијатива „Супорт Кочани“, околу еден милион денари се издвоени за државен данок, а остатокот е рамномерно распределен меѓу 137 лица погодени од трагедијата во клубот „Пулс“.

Околу 11 милиони денари беа распределени од заедничката сметка за донации на граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“, која беше формирана по трагичниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“.

Според податоците што иницијативата ги објави на својот Фејсбук-профил, од вкупната сума од 10.944.793 денари, еден милион биле наменети за данок кон државата, додека преостанатите средства биле еднакво распределени на 137 лица – секое во износ од 71.900 денари.

Средствата се донирани од компании, здруженија, групни акции и хуманитарни настани организирани во земјата и во странство.

„Транспарентно ја споделуваме информацијата за втората распределба на средствата од заедничката сметка за донации преку ‘Супорт Кочани’, кои беа собрани по трагедијата што нè погоди“, стои во соопштението на иницијативата.

Иницијативата „Супорт Кочани“ беше формирана веднаш по пожарот во клубот „Пулс“, каде што на 16 март животот го загубија 63 лица, а повеќе од двесте беа повредени. Во тимот се вклучени околу триесет волонтери, меѓу кои и преживеани од трагичната вечер.

Во изминатата година, „Супорт Кочани“ реализира и три пратки компресивна облека за преживеаните лица, со цел да се овозможи правилна рехабилитација и побрзо заздравување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни