Судир меѓу демонстрантите и полицијата: Илјадници на антивладин протест во Букурешт

Илјадници граѓани во саботата се собраа во Букурешт на протест организиран од крајно десничарската партија Алијанса за унија на Романите (AUR) против владата на премиерот Марсел Чолаку.

На протестот се обратија лидерот на AUR, Џорџе Симион, како и десничарот Калин Ѓорѓеску, кој победи во поништениот прв круг од претседателските избори.

За време на протестот, дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата, а дел од учесниците фрлаа предмети и пластични шишиња кон полицајците.


„Ќе си ја вратиме земјата, без корупција и без оние што повторно сакаа да ја блокираат мојата кандидатура. Сакам вие, со вашиот глас, слободно да ми судите, бидејќи вие имате право да одлучите кого ќе изберете“, порача Ѓорѓеску пред насобраните.

Тој додаде дека Романија никогаш нема да клечи пред странските сили и дека треба да биде достоинствена и просперитетна држава, која има пријатели насекаде и ги споделува вредностите на мирот, демократијата и слободата.

Лидерот на AUR, Џорџе Симион, ја обвини власта дека функционира како „политичка полиција“ поради неодамнешното апсење на Ѓорѓеску.

„Пред три дена, сведочевме на најновата епизода од тековниот државен удар. Полицијата го запре и приведе Калин Ѓорѓеску, а обвинителот сега се обидува да фабрикува докази што не постојат“, изјави Симион. Тој додаде дека премиерот Чолаку, кој ги загуби изборите, мора да си замине, бидејќи е „еден од организаторите на државниот удар“.

Романските власти пред три дена го приведоа Ѓорѓеску на сослушување токму во моментот кога планираше да ја поднесе својата кандидатура за повторените претседателски избори.

Обвинителството во Романија го сослуша Ѓорѓеску во рамките на поширока истрага за нерегуларности на претседателските избори, кои беа поништени кон крајот на минатата година поради сомнежи за руско мешање во изборниот процес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни