Шефкет Хазири од Министерството за економија. Процесот се одвива под засилени безбедносни мерки и под будното внимание на семејствата кои веќе три години чекаат правда.
Тежок и комплексен предмет со 15 обвинители и 37 обвинети
Судницата утринава повторно ги обедини обвинетите, новинарите и роднините на жртвите, во еден од најобемните процеси што ги водело македонското правосудство. Реткост е на една постапка да работи тим од 15 јавни обвинители, што само по себе ја покажува сериозноста и чувствителноста на случајот.
Вчерашното рочиште мина во знакот на одбраните на поранешните министри за економија и директорите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Сите тие, едногласно, ја негираа вината тврдејќи дека немале ниту законски надлежности ниту фактичка можност да спречат тоа што се случило во клубот „Пулс“. Според нив, трагедијата е последица на незаконска употреба на пиротехника во затворен, пренатрупан простор – одлука што не зависела од нивните институции.
Одбраната на поранешните министри: „Немаме надлежност врз клубови“
Тимот на поранешниот министер Крешник Бектеши инсистира дека Министерството за економија нема инспекциски ингеренции врз ноќни клубови и дека не постои причинско-последична врска меѓу неговите овластувања и пожарот. И одбраната на Ваљон Сараќини посочува дека издадената лиценца во 2012 година не ѝ давала на фирмата можност да ја смени локацијата, намената или капацитетот на просторот, ниту да дозволува влез на малолетници и пиротехнички средства.
Слична позиција има и екс-директорот на ДЗС Аднан Џаферовски, кој оцени дека обвинението е „правно погрешно“, без факти што го поврзуваат со исходот. Неговата адвокатка Сузана Јошевска предупреди дека предметот „личи на попис претворен во обвинителен акт“, без јасна индивидуална вина.
Поранешниот директор на ДЗС, Шабан Салиу, изјави дека во периодот од пет години Дирекцијата немала ниту една пријава, барање или известување за објектот „Пулс“, уште еднаш посочувајќи кон институционален вакуум во кој никој формално не реагирал.
Кој го дозволил „Пулс“ да остане отворен?
Досега воведни говори дадоа повеќето од седумнаесетината обвинети – од сопственикот на клубот, до обезбедувачите, сопственици на фирми и државни инспектори. Одбраните се различни, но главно се движат во две линии: дека обвинението ги засновува вините на погрешни правни интерпретации, и дека ниту една институција не била овластена да го спречи она што се случило.
Во наредните денови ќе зборуваат и другите претставници на Министерството за економија – Хазири, Николовски, Хаџиу, Касапи и Чекиќ Дуровиќ – како и пазарните инспектори. На крај, ќе следи излагањето на обвинетиот Александар Нацев, сопственик на агенцијата „Рубикон“, чиј предмет беше споен непосредно пред почетокот на судењето.
Обвинителството: „Пулс беше смртоносна стапица од првиот ден“
Обвинителството, пак, најавува дека ќе покаже како клубот бил нелегално преполн, со прекршени безбедносни протоколи, неправилно користење пиротехника и институционални пропусти што траеле со години. На обвинителната клупа седат 37 лица, и процесот е можност судот конечно да утврди каде завршуваат системските слабости и каде започнува личната одговорност.
Извор: Рацин.мк
