Студенти веќе два месеца бараат суштински промени во општеството, со поддршка на десетици илјади граѓани. Дури и во споредба со познатата 1968. година, кога беше покренат првиот масовен политички протест во социјалистичка Југославија, актуелниот студентски бунт во Србија е многу побогат и поголем, забележуваат историчарите.
Црвен тепих, симболични медали, духовити транспаренти. Ред солзи, ред смеење. Сето тоа ја одбележа изминатата недела. Студентите од Белград пешачеа повеќе од 80 километри до Нови Сад, додека студентите од Нови Сад беа добри домаќини. Во сето тоа, преплавени со емоции, ги поддржаа професори, наставници, родители, соседи, блокирајќи мостови заедно со нив.
„Ние сакаме да направиме едно поздраво општество, едно нормално општество. Мислам дека тоа навистина секој ден го постигнуваме. Толку многу луѓе имаше, секој на свој начин помогна. Мислам дека со тоа секој ден создаваеме поздраво општество!“, истакнува Наџа Шолаја, студентка на Филозофскиот факултет во Нови Сад.
Демонстрациите на младите луѓе, низ историјата, довеле до клучни општествени промени. Протестите денес, започнаа да личат на оние од мај 1968. година, забележуваат историчарите, иако не во смисла дека се случуваат во истиот глобален контекст на културни промени, социјално ослободување или антивоен активизам, но организацијата, беспрекорната тактика, секојдневните блокади и седењето на универзитетите, повикуваат на такви споредби.
„Ми се чини дека има многу помалку сличности, а разликите што постојат се поконкретни, тие се повеќе на страна на овие протести кои се случуваат во моментов. Сличноста е во тоа што студентите превземале форми на протести кои доаѓаат од западот, тоа се блокади на факултетите, пленуми, слобода на изразувањето на тие пленуми. Тука веќе имаме разлики, бидејќи студентите од 1968 година не излегле на улиците затоа што знаеле дека всушност единствено на нивните универзитети ги чува автономијата на универзитетите. Студентите во Белград, Нови Сад, Ниш и во остатокот на Србија многу брзо излегле од нивните факултети“, истакнува историчарот Хрвојe Класиќ.
Студентите од 1968 и српските студенти денес, немаат лидер, почитуваат колективната волја. Во двата случаи, иницијаторите биле наизглед изолирани настани кои го откриле поширокото незадоволство, забележува Класиќ. Но, тогаш започнуваат разликите. Во траењето, во тоа што актуелните протести во Србија немаат јасна идеолошка обојеност, но студентите бараат коренита промена на постојниот систем од врвот до дното. Поддршката на студентите денес е многу поголема.
„Во 1968 година генерално можеше да се чуе дека се поддржуваат студентите и нивните барања, но не и начин на кој тоа го изразуваат. Прашање е, со оглед на тоа што не се работело за демократски систем, колку навистина било поддржано. Немаше поддршка од работниците, а овде имаме масовна поддршка од цивили, не само од студенти, туку од средношколци, адвокати, лекари, таксисти“, смета Класиќ.
На крај, клучната разлика е во односот кон авторитетот, забележува Класиќ. Студентите од 1968 година носеле Титови слики, тогаш тој успеал да ги убеди студентите, па тие се повлекле по неговиот говор. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пак, веќе во првите настапи по протестите покажал дека му е поважна власта, отколку гласот на народот, оценува професор Класиќ.
„Тој ја пропушти таа шанса да се повлече, да види за што се работи и потоа можеби да повика. Сега тоа го прави на погрешен начин, со тоа што ги фали протестантите, но гледаме дека студентите тоа не ги интересира. Таа клучна позната реченица, ,,ти си ни небитет”, тоа е нешто што на Тито никогаш не му било кажано!“, вели Класиќ.
Последиците и успесите веќе сега се многу поголеми во споредба со 1968. година. Актуелниот студентски бунт во Србија е содржински побогат, а изгледа дека ќе биде и највлијателен, заклучува Класиќ.