Екипата на Трн меѓу белградските студенти

Студентски блокади во Белград- Протест за правда, одговорност и иднина без корупција

За нас овие протести се барање на правда. Ќе останеме на блокадите се додека не се исполнат сите наши барања. Би им порачал на сите млади да ги занемарат сите политички идеологии. Она што е најважно за нас е да имаме правда и демократија. Да бидеме сложни затоа што заедно можеме да дојдеме до резултати и затоа што правдата е најважна

Во Србија веќе трета недела по ред траат протестите на студентите кои започаа по трагедијата во Нови Сад. Со 15 минутна тишина на раскрсниците на неколку градови во Србија, студентите од 60 факултети од Универзитетите во Белград и Нови Сад, Ниш и Крагуевац им оддаваат почит на загинатите од падот на настершницата во Нови Сад и бараат одговорнoст од Владата и институциите.

Студентите ја бараат правдата на улиците на Белград и Нови Сад. Бараат промени во системот и иднина без корупција. Гордо и самуверено и пркосат на власта во Србија не отстапувајќи од своите барања. Во изминатите недели, на студентите им се приклучија и дел од средношколците, граѓаните, но и нивните професори. Ова е време, велат нивните професори, кога предавањата по демократија и правда ги држат студентите.

Екипата на Трн беше во Белград на студентските блокади.

-За нас овие протести се барање на правда. Ќе останеме на блокадите се додека не се исполнат сите наши барања. Би им порачал на сите млади да ги занемарат сите политички идеологии. Она што е најважно за нас е да имаме правда и демократија. Да бидеме сложни затоа што заедно можеме да дојдеме до резултати и затоа што правдата е најважна- вели еден од студентите на протестите.

На прашањето можат ли студентите да го променат системот, тој вели:

-Ја се надевам дека можат и историски можеме да видиме дека тоа навистина е случај и искрено се надевам и гледам дека граѓаните веруваат во нас и дека можеме да покренеме лавина на правда и некои работи да излезат на виделина и тоа е тоа што сакаме да го постигнеме.

А барањата на студентите се: зголемување на износот од буџетот на Србија за материјални трошоци на државните високообразовни установи за 20 проценти, објавување на комплетната документација за реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, отфрлање на обвиненијата против уапсените и приведените студенти и млади на протестите по повод падот на надстрешницата на железничката станица во Нови Сад и поднесување на кривични пријави против напаѓачите на студентите и професорите и нивно процесуирање.

-Важно е да се исполнат барањата за да се знае дека Србија и понатаму е демократска држава, велат студентите.

До сега на блокадите се приклчија вкупно 60 факултети и голем дел средни училишта. Во блокада се сите факултети од Белградскиот и Новосадскиот универзитет. Сите факултети во Крагуевац и Ниш се исто така во блокада. Одлука за блокада не донеле трите факултети кои припаѓаат на Нишкиот универзитет, а се наоѓаат во Лесковец, Врање и Крушевац, како и некои факултети на Крагуевачкиот универзитет во Ужице, Краљево, Чачак и Врњачка Бања.

-Ние имаме многу коруптивен систем во многу точки. Секој од нас, на нашиот универзитет или на други универзитети го изучува тоа каде се постојат проблеми во системот. Ние на Правниот факултет, секој ден слушаме дека судовите не пресудиле праведно, дека тужителствата не си ја работеле добро својата работа, дека постои притисок на оние кои што тужат и на судството, дека не постои права поделба на власта и дека политиката се меша таму каде што не би требала да се меша. Сето ова кулминираше на 1 ноември. И сега месеци подоцна се прелева на многу сфери од оштеството, затоа што граѓаните, сите колективно, не се задоволни со начинот на кој реагираат нашите државни институции- вели Реља Јарковачки, студент во трета година на Правниот факултет.

Правниот факултет во Белград на одржаниот пленум одлучи да се прикучи на блокадите заедно со останатите факултети.

-Нашите барања се политичка и кривична одговорност на луѓето кои што се одговорни за падот. Друго барање кое е многу битно е објавување на документација. Пред неколку дена беше објавен дел од документацијата, но не цела, што е многу битно да се нагласи затоа што тоа барање не е исполнето. Друго е да се пуштат студентите кои имаат врска со овој протест, кои се уапсени без основа – објаснува Реља.

Блокадите вели тој, ќе траат додека не се исполнат барањата на студентите.

-Ние учиме за поделба на власта, за тоа дека мора да постои разлика меѓу нив и дека судството мора да е слепо. И тоа што ќе го видите на овие плакати кои ги делиме овде, тоа е Јустиција, значи на плакатот пишува се бара награда за правда, значи иднина без корупција. Ова е божицата на правдата Јустиција која е слепа, значи таа е слепа пред кој суди, сите гледа да бидат еднакви и остра е, затоа им и меч. И тоа е она што ние го учиме, што го сметаме многу важно – вели Реља.

Факултетите во време на блокадите функционираат така што нема настава, таа е прекината и откажан е јануарскиот испитен рок. Секојдневно се одржуваат пленуми на факултетите каде се собираат сите студенти и се носат важни одлуку кои се онесуваат на овие блокади. Има студенти кои доаѓаат да учат во читалните. Факултетите се полни со млади луѓе кои дискутираат за демократијата, правдата, системот и општеството во кое живеат.

Го прашавме професорот од Правниот факултет, Миодраг Јовановиќ, како живее Правниот факултет деновиве?

Поубаво него било кога, вели тој

– Живее по некои правила и некои идеи за кои јас им предавам на моите студенти во прва година по предметот во кој се зборува за демократија и владеење на првото и за уставноста и законитоста. Се се тоа теми за кои тие сега секојдневно зборуваат на своите пленуми. Сега студентите гледаат како изгледа демократскиот живот во пракса, а истовремено и сите идеји за кои учеа, сега ги тестираат на еден за жал трагичен настан. Ги гледам како на некој кој со сето ова што го прават на некој начин нас ни држат час и ние со задоволство се согласуваме да бидеме тие кои го следат тој час, вели професор Јовановиќ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни