11 години по студентската окупација на УКИМ – автономијата повторно доведена во прашање

Единаесет години по прогласувањето на „Автономната студентска зона“, додека повторно се менува Законот за високо образование, истото прашање се враќа во јавноста: дали универзитетот е простор на слободна мисла или институција под административна контрола?

На денешен ден пред 11 години, на Седмиот студентски пленум, точно на пладне, илјадници студенти прогласија „Автономна студентска зона“. Почнувајќи од Филозофскиот факултет, студентите, еден по еден ги окупираа факултетите во кампусот на Универзитетот „Кирил и Методи“ во Скопје. Студентите ги окупираа Филозофскиот, Филолошкиот, Економскиот и Правниот факултет и го ставија Универзитетот под студентска контрола.

Што претходеше?

Во ноември и декември 2014 година, студентското незадоволство за првпат излезе од рамките на факултетските ходници и се претвори во масовен јавен настан. Илјадници студенти маршираа низ центарот на Скопје, организирани преку Студентски пленум, како реакција на измените на Законот за високо образование и воведувањето државен испит. Овие протести беа реткост во македонски контекст по обем, по енергија и по автономност – без партиски симболи, без формални лидери и со јасна порака дека универзитетот не смее да стане продолжена рака на извршната власт. Фокусот не беше само на конкретниот испит, туку на поширокото прашање: кој одлучува за знаењето, критериумите и автономијата на академската заедница.

Маршевите со илјадници учесници ја сменија и јавната перцепција за студентите – од пасивни корисници на системот во активен политички и општествен субјект. Протестите пред Владата и Собранието, како и симболичните собири пред Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, покажаа дека генерациски се акумулирало незадоволство од начинот на кој се носат одлуки „одозгора“, без суштински дијалог. Токму оваа фаза го подготви теренот за подоцнежната радикализација на формите на отпор – од протести кон окупации – и го претвори студентското прашање во едно од клучните политички прашања на почетокот на 2015 година.

Што порача Студентскиот пленум

Да се потсетиме на некои поенти од обраќањето на Студентскиот пленум до јавноста во моменти кога започна окупацијата на УКИМ. Меѓу другото тие во јавното обраќање порачаа:

„Со оглед на тоа што се работи за закон против кој во последните 4 месеци се јави страшен отпор, и кој беше изгласан во собранието речиси насилнички, имаме причини да се сомневаме дека ваквото попуштање (иако нецелосно) не значи дека премиерот ја увидел апсурдноста на сопствениот закон, туку дека е резултат на пошироката политичка состојба.

Да не заборавиме, додека премиерот ветува, а нашите народни избраници демек гласаат, на МТВ сè уште врви рекламата колку државниот испит е супер.“

Пленумци директно се обратија и на притисоците кои ги искусија во периодот на масовни протестни марѓеви низ Скопје.

„Изминативе 4 месеци, кога и да пружевме отпор бевме игнорирани, или етикетирани. Се сеќавате на насловите како „Студентскиот пленум не постои“? Се сеќавате на изјавата на премиерот „Не знам зошто протестираат, нивна работа, нека протестираат“? Се сеќавате на сите црвени крукчиња?“

И дадоа целосна слика на контекстот и состојбите во кои во тоа време функционираше академскиот систем во Македонија

Новиот закон не треба да биде цел сама по себе, туку треба да ги отсликува реалните потреби во високото образование. Сакаме конечно да добиеме решенија за: честото прекршување на правото на автономија; нејасната имплементација на болоњскиот систем; неодржливиот систем на финансирање на јавното образование; несоодветните услови за стекнување на звање и унапредување во звање; постоењето на дискриминација и корупција; недоволната државна финансиска поддршка за научно-истражувачки цели; давачките за студентите кои се непотребни, нереални или недоследно трошени; корумпираните студентски претставници; недостатокот на студентски бенефиции.

Универзитетот треба да претставува бастион на критичката мисла која води кон напредок. Тоа е онаму каде што не препишуваш, каде што не заокружуваш од понуденото, онаму каде што не ти се сервираат одговори. Онаму кај што не те учат што да размислуваш, туку КАКО.

 Заради тоа, сметаме дека е нужно да се прогласи автономна зона. Универзитетот над кој беа извршени континуирани упади мора симболично да се ослободи.

Студентскиот фронт не е затворен.

 ‪#‎ПоздравПленумци!“

Единаесет години подоцна, прашањето не е дали тогашната окупација беше радикална, туку дали пораката што ја испратија студентите е слушната. Денес повторно се менува Законот за високо образование. Повторно се отвора темата за автономијата, за улогата на државата во управувањето со универзитетите, за рамнотежата меѓу квалитетот и контролата. Повторно се поставува истото суштинско прашање од 2015: дали универзитетот ќе биде самостоен простор на критичка мисла или институција што административно се управува одозгора.

Разликата е што денес нема окупирани факултети, нема илјадници студенти на улица и нема „автономна зона“. Но дилемата останува иста. Ако автономијата се сведува на формула во закон, а не на реална можност универзитетот сам да одлучува за својата академска, кадровска и финансиска политика, тогаш пленумските прашања сè уште се отворени. Историјата од 2015 не е романтична епизода од минатото туку е потсетник дека секоја законска измена во високото образование е тест за генерациската свесност. А универзитетот, сакале или не, секогаш ќе биде лакмус-хартија на таа свесност.

фото: Ванчо Џамбаски

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни