Теодора Милеска, студентка на програмата Меѓународни и интеркултурни студии (МИС) на Филозофскиот факултет во Скопје јавно ѝ се обрати на министерката за образование, реагирајќи на, како што наведува, „паушални и генерализирачки изјави“ во однос на вредноста на оваа студиска програма.
Во својата реакција на ФБ таа потенцира дека официјалното име на насоката е „Меѓународни и интеркултурни студии“, а не како што често се поедноставува во јавноста.
„Името на програмата е Меѓународни и интеркултурни студии. Како министерка за образование, не би требало да си дозволите паушални и генерализирачки изјави за студиски програми и нивната ‘вредност’, особено кога станува збор за интердисциплинарна програма темелена врз меѓународни академски стандарди“, наведува студентката.
Таа појаснува дека елаборатот на програмата е изработен според референтна програма од Универзитетот „Беркли“ во САД, посочувајќи дека станува збор за четиригодишни додипломски студии кои ја поставуваат интердисциплинарноста како носечки принцип, во согласност со современи образовни модели.
„Референтната програма според која е изработен елаборатот е програмата за четиригодишни додипломски студии на Универзитетот ‘Беркли’ во САД, и една од ретките што ја поставува интердисциплинарноста како носечки принцип, базиран на современи образовни модели“, стои во реакцијата.
Поранешната студентка на МИС истакнува дека нејзината диплома не е пречка за вработување, туку дека проблемот е, како што вели, „системски“.
„Јас, како поранешна студентка на МИС, немам ‘проблем’ да се вработам поради мојата диплома или експертиза. Проблемот е системски. Проблемот е во корупцијата и партизацијата, каде што компетентноста честопати е второстепена во однос на политичката припадност“, наведува таа.
Според неа, програмата е креирана да одговори на потребите на институции како Министерството за надворешни работи, но, како што додава, токму тие институции ретко ја препознаваат и валоризираат експертизата што образовниот систем ја создава.
„Програмата е креирана да одговара на потребите на институции како Министерството за надворешни работи (денес и надворешна трговија). Но, истите тие институции ретко ја препознаваат и валоризираат експертизата што самите образовни политики ја создаваат“, посочува студентката.
Таа оценува дека во државата има млади луѓе кои се активни и препознаени на национално, регионално и глобално ниво, но дека нивниот ангажман често не добива соодветна поддршка дома.
„Оваа држава има млади луѓе кои работат на национално, регионално и глобално ниво, кои се препознаени од меѓународни институции и процеси, но не и дома“, наведува таа.
Во заклучокот, студентката порачува дека суштината на проблемот не лежи во студиските програми или младите, туку во начинот на функционирање на системот.
„Проблемот не се младите. Проблемот не се ни студиските програми. Проблемот е системот што ја наградува послушноста, а не знаењето. Сѐ додека компетентноста не стане критериум, а националниот интерес не биде над партискиот, ќе продолжиме да го губиме највредното – младите кои работат, создаваат и иновираат“, се вели во реакцијата.
