Низа проблеми го отежнуваат животот во студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје. Недостаток на топла вода, нефункционални лифтови, стаорци во тоалетите, протечени ѕидови и намален квалитет на храната, се само дел од предизвиците со кои се соочуваат станарите во овој јавно-приватен студентски дом, пишува „Мета.мк“.
Објектот речиси еден месец функционира без директор, откако последниот си дал оставка во октомври, а нов вршител на должноста сè уште не е назначен. Поради тоа, нема кој да стави потпис на одлуките и да ги „повлече конците“ за решавање на студентските маки.
„Најпрво, стануваме наутро, се миеме со мраз ладна вода – се разбира, доколку имаме воопшто вода. Во тоалетот ако пуштиш вода, чекаш цел час за да се наполни повторно. Потоа, тргнуваме за на факултет пешки секое утро од осми кат бидејќи нема лифт за надолу. А откако ќе се вратиме од факултет, мртви гладни се молиме в менза да има нешто добро за јадење“.
Вака еден од станарите го објаснува животот во студентскиот дом „Пелагонија“ деновиве.
Десетици студенти пред редакцијата на Мета.мк сведочат за маките со кои се соочуваат среде колоквиумската недела, кога и онака се под огромен притисок за учење и полагање, па отежнатите услови во домот им претставуваат дополнителен стрес. Немањето топла вода во делови од зградата го отежнува одржувањето на личната хигиена, а лифтовите кои речиси воопшто не се во функција ја зголемуваат напнатоста кај оние што живеат на повисоките катови.
„Од самиот почеток на академската година нема топла вода, изговорот беше дека се чистеле бојлерите како и секоја година, а еве два месеца покасно нема вода. Во ‘машката зграда’ нема ни топла вода ни притисок, кажавме на мајсторот, а тој ни рече дека на повисоките спратови секако оти ќе сме немале вода“, вели студентка сместена во „Пелагонија“.
„Кај мене има топла вода само до 11 часот наутро. На погорните спратови да не правиме муабет. Немаат притисок за ладна вода, а камоли топла“, вели друг студент.
„Мајсторите доаѓаат само за да видат каков е проблемот, но си заминуваат без да најдат решение. Ни течеше вода во собата и после пет пријавувања мајсторите дојдоа да ни кажат дека нема што да се направи. Така, водата продолжи да си тече“, сведочат група студенти сместени во овој студентски дом.
Студентите до Мета.мк доставија и низа фотографии на кои се гледаат инсекти во храната која наводно ја добиле во студентската менза.
Слики со измет од стаорци, пак, сведочат за присуството на овие непосакувани гости.
Овие околности не влијаат само на академскиот успех, туку и на психолошкото здравје, зголемувајќи го чувството на немоќ и занемареност кај студентите.
„Во ваква мизерија не се живее, психички ќе се испореметиме. Па само болни сме од ова капење со ладна вода. Прашање на време е кога ќе завршиме во болница. Уличните кучиња имаат подобри услови, верувај“, вели револтиран студент.
Станарите сметаат дека многу од проблемите би можеле да се решат, но нема кој да стави потпис на потребните одлуки, затоа што домот речиси еден месец функционира без директор, откако последниот си дал оставка кон крајот на октомври. До овој момент, не е поставен ниту в.д. директор. Оваа административна блокада го отежнува спроведувањето на итни интервенции за подобрување на условите.
„Домов има проблеми со сервисирање на лифтови, пумпи за вода, грејачи и, најважно, слушнавме дека може да останеме и без храна, доколку не се постави директор. Овие денови некако ги поминуваме, но потребен е некој овластен за потписи. Нема ниту на кого да му се пожалиме за условите“, велат станари сместени во „Пелагонија“.
Додека студентите се соочуваат со секојдневни предизвици, нерешената ситуација во раководството само ја продлабочува кризата. Тие бараат итно назначување на надлежна личност која ќе ја преземе одговорноста и ќе започне санирањето на проблемите.
Вработени во домот со кои разговаравме велат дека се обратиле до Министерството за образование и наука (МОН), од каде очекуваат да биде назначен вршител на должноста директор.
Мета.мк се обрати со прашања до МОН за тоа кои се причините што толку долго не е назначен вршител на должноста и дали се запознаени со проблемите на студентите во „Пелагонија“. Од таму, накратко одговорија дека домот ќе добие в.д. директор неделава.
„Во текот на оваа недела ќе биде назначен в.д. директор и ќе бидат надминати предизвиците кои се настанати поради недоволната ангажираност на досегашното раководство“, се вели во краткиот одговор од МОН.
Студентите кои се дел од Советот на станари во домот истакнуваат дека достоинствените услови за живот се основно право, а не привилегија. Доколку нема брза реакција неделава, најавуваат дека ќе бидат приморени да преземат други чекори за да го привлечат вниманието на јавноста и властите.
Преземено од Мета.мк